
Очекувани реакции по годишното обраќање на шефот на државата во Собранието. За Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски во својот говор не кажал ништо, а тоа имало за цел додворување за СДСМ повторно да го кандидира за претстојните претседателски избори.
„Ова беше едно празно обраќање полно со флоскули наменето претежно за СДСМ каде што ќе одлучуваат дали Пендаровски повторно ќе биде или нема да биде кандидат за претседател следната година. Се согласуваме само со еден факт во обраќањето на Пендаровски а тоа е дека ова е неговото последно обраќање во Собранието на Република Македонија“, порача Антонио Милошоски.
Фадиљ Зендели од Беса рече дека во обраќањето на Пендаровски имало само констатации кои веќе биле познати.
„Имаше само констатации на она што ние сите го знаеме, го знаеме и како пратеници, го знаат и граѓаните. Тие точки што тој ги повтори денеска во Собранието тие се јасни проблеми што ги има општеството но во ниеден случај не даде некоја насока како тие треба да се надминат“, вели Фадиљ Зендели.
Пратениците од СДСМ со пофални зборови за неговото обраќање. Мартин Костовски од оваа партија рече дека тој имаше значајни пораки за тоа дека државата мора да го продолжи патот кон ЕУ.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија го поздравува фактот што претседателот Пендаровски цврсто стои на ставот дека државата мора да опстои на европскиот пат и на прозападната ориентација. Затоа што тоа е нашата единствена алтернатива. Членството во Европската унија значи подобар стандард за сите граѓаните“, вели Мартин Костовски.
Сите теми кои ги отвори Пендаровски во својот говор се согласуваме, рече Арбр Адеми од ДУИ.
„Тоа што треба да е истакне и во оваа прилика се две прашања, одржување на добри меѓуетнички односи и одржување на европскиот курс на државата. Всушност тоа се теми за кои се залага и Демократската унија за интеграција од своето формирање до денеска“, вели Арбр Адеми.
Коректно излагање на Пендаровски кои соодветствуваат на барањата на Алијанса за Албанците, оцени Халил Снопче од оваа партија.
„Фактички на некој начин можеби ние наоѓање еден сојузник кај претседателот и особено ни е мило што даде апел до пратениците да од следниот собраниски состав пратениците се залагаат за заменување на сите обвинители или судии за кои фактички има сомнежи дека несовесно ја завршуваат работата, што кореспондира и со нашето залагање“, вели Халил Снопче.
Претседателот на државата Стево Пендаровски во Собранието имаше редовно годишно обраќање пред пратениците