Милошоски: Соочени сме со уцена која Фон дер Лајен ќе проба да ја амортизира

„Во моментов сме соочени со уцена која утре со убави зборови ќе се обиде да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен“.

Ова денеска го изјави пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ. Тој рече дека досега многу лидери од Европа имале обраќање во македонскиот Парламент, ама без корист.

„Во Република Македонија досега се обратиле Хавиер Солана, Романо Проди, еврокомесарот Оли Рен. Сите имале одлични обраќања. Во Македонија сме имале такви одлични обраќања, од кои сме немале никаква придобивка. Во моментов сме соочени со уцена која утре со убави зборови ќе се обиде да ја амортизира и сегашната претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Го почитуваме нејзиното време но си го почитуваме и нашето достоинство и знаеме што е добро а што не е добро за Македонија и сметаме дека овој преседан каде што од земја членка се бара да се ревидира историја и да промени Устав за воопшто да може да почне преговори, и истите да бидат врзани со натамошни промени на учебници и историски личности, е понижувачки“, рече Милошоски.

Нагласи дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ „аргументирано ќе го разобличат овој предлог и неговата штетност и ќе бидат против овој театрален обид Собранието да биде искористено како алиби за она за кое Владата на Ковачевски и Османи ќе каже „да“.