Милошоски побара предложениот закон за една изборна единица да влезе во собраниска процедура

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски откако денеска информираше дека пратеничката група на неговата партија остварила средба со тројца претседатели на политички партии, рече дека предложениот Закон за една изборна единица сè уште се наоѓа „во фиоката на спикерот Талат Џафери“. Милошоски смета дека е добро тој да влезе во процедура и да дојде на комисиска расправа за да може секој да го искаже своето мислење.

„ВМРО-ДПМНЕ како пратеничка група и како коалиција го поддржува изборниот модел една изборна единица којшто би требало во иднина да го усогласиме, согласно компаративното право, со изборниот праг којшто би се применувал и затоа ги цениме овие средби за продуктивни, корисни и се надеваме дека во најскоро време овој Предлог на закон ќе се најде на комисиска расправа и за истиот ќе може да отвориме продуктивна дебата“ рече Милошоски.

Тој посочи дека од СДСМ изминатите 5 години слушале дека поддржуваат една изборна единица и тоа го сметаат за „апсолвирано“.

„Но, она што би сакале е СДСМ да даде поддршка овој предложен закон од нивните коалициони партнери што побрзо да дојде на комисиска расправа за да може сите да се изјасниме и да го подобриме текстот. Веќе ни е закажана средба со пратеници од пратеничката група на БЕСА и ќе разговараме на истиве теми, а по однос на изборниот праг немаме утврдено колку би требало да изнесува истиот. Она што го споделуваме со досегашните соговорници е дека колкав и да биде изборниот праг, истиот треба да се однесува според бројот на излезени гласачи, а не на запишани гласачи. Колкав ќе биде, ќе треба да се утврди во една поширока дебата“ – посочи Милошоски.