Милошоски за несудениот конзул во Њујорк: Тоа е девијација на луѓето кои што се предолго во власт!

„Навистина сум изненаден од тоа што се носат вакви клиентелистички решенија, Никој нема против министерот да направи избор, но изборот да биде направен од кадрите кои што исполнуваат услови. Она што го слушнавме и за госпоѓата Ејупи и за господинот Петрит Муслиу е дека и двајцата не се вработени во министерството за надворешни работи, и двајцата не ги исполнуваат пропишаните критериуми од членот 49 од Законот за надворешни работи“.

Ова е коментарот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за надворешни работи – Антонијо Милошоски на именувањето на затворена седница на ТВ презентерката Бесмира Ејупи за генерален конзул во САД.

Според него, ваквите работи се случуваат поради тоа што власта е во голема моќ и некои луѓе кои што се предолго во власт сметаат дека нивните желби се посилни од законските норми.

„Претпоставувам дека власта е во една голема моќ, персонална и од докажување меѓу себе кој има поголемо влијание, кој повеќе блиски или клиенти може да ги спонзорира или да ги пласира на места за каде што имаат тие желба и ова е таква една девијација. Сметам дека ова е една девијација на луѓето кои што се предолго во власт па сметаат дека нивните желби се  посилни од законските норми“, потенцираше Милошоски.

Криењето на ваквиот предлог зад затворена седница според Милошоски е направено за да не можат медиумите врз основа на законот за слободен пристап до информации да дојдат до податок дали поминал одреден човек за генерален конзул, а тоа што сигурно се знае е дека сепак имало затворена седница на која што Ејупи била именувана за генерален конзул во Њујорк, но после реакциите од јавноста се направи ретерирање и министерот Бујар Османи кажа дека тоа не се случило, смета пратеникот.