„ВМРО-ДПМНЕ сметајќи дека овој попис е некомплетен се обврзува по смената на власта да спроведе чисто електронски попис по сите европски стандарди кои што може да биде и комплетен, и веродостоен и да ги нема фалинките и недостатоците кои што ги имаат овие пописни бројки. Пописот ваков каков што е во Република Македонија покажува алармантни бројки кои што се поразителни за сите општини освен за градот Скопје, и за целата држава, особено со тоа што имаме преголемо иселување. Пописот власта сака да го покаже како успех, иселувањето покажува дека истиот е неуспех, а бројката од 7.2% неизјаснети покажува дека овој попис е некомплетен“ – рече на денешната прес-конференција Антонијо Милошоски, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, пописните бројки се показател за неуспех бидејќи, како што нагласи, има силен бран на иселувања, операција спроведена со низа забелешки, и со многу политика.
Затоа, нагласи Милошовски, сметаме дека ваквите бројките секој има право во нив да се сомнева.
„Не сакавме да коментираме додека не излезат официјалните бројки, но она што со сигурност може да се констатира дека и пред објавата на резултатите и за време на самата објава на резултатите партиите од власта се играа со проценти и се уште го прават тоа што пописот многу го политизира. Во Македонија денес беше објавено колку има население, како е тоа население дистрибуирано по региони, општини, по градови, и како е тоа население по етничка припадност изјаснето. Но, за првпат во Македонија имаме една сериозна бројка од 7.2% или повеќе од 132.000 за кои што ДЗС и покрај тоа што ги има на располагање сите механизми од образование, до лични карти, матични броеви, изјаснување, по други институции, не успеал да ја дефинира припадноста на овие 132.000 македонски граѓани, жители на државата“ – истакна Милошоски.
Затоа, додаде тој, партијата смета дека Државниот завод за статистика не се потрудил да ги искористи податоците за да го направи овој попис да изгледа комплетен. Ваквите податоци, нагласи, пописот го прават некомплетен.
„Имаме 7,2% коишто го бојкотирале пописот тоа се повеќе од 132.000 граѓани, а живеат во државата. Имајќи предвид дека дел од Македонците овој попис го бојкотираа. Бројките на ДЗС требаше да се соопштат откако ќе се дефинираше припадноста на секој жител кој не се попишал или не се изјаснил на пописот. Затоа денес имаме некомплетен попис во овој дел“ – истакна Милошоски.