Милевски: Чешка е извонреден тим, потребни ни се вакви мечеви
Македонија пристигна во Чешка и се подготвува за натпреварот против домаќинот кој ќе биде дел од Европското првенство (ЕП). Јавноста бара подобра игра од онаа со Хрватска, а свесен за тоа е и селекторот Благоја Милевски кој ја најави средбата.
„За четири дена не можете ништо да подобрите, посебно во овој дел од сезоната на физички план. Работевме на освежување на тимот, задоволен сум тоа што сите се здрави, освен како што знаеме Енис Барди не може да биде со нас. По тренингот кој го имаме, сите работи околу составот ќе ги оставиме за потоа. Се надевам дека сите ќе бидат спремни да се стават на располагање за она кое не очекува.
Кога сте учесник на едно Европско првенство, тоа е доволен доказ за квалитет. Чешка покажа дека е квалитетна репрезентациај со извонредни играчи од Премиер лгиата, Бундеслигата и Серија А, но имаат и голем број на домашни играчи од квалитетна лига низ која ја црпат базата за А-репрезентацијата. Не очекува противник сосема различен од типот на Хрватска.
Неслучајно ги прифативме овие покани за пријателски натпревари, затоа што лично мислам и уверен сум дека ние како тим и репрезентација може да напредуваме ако играме тип на мечеви со поквалитетни ривали од нас, за да го видиме нашиот реален квалитет и домет во моментов.
Од некои моменти не бев задоволен со Хрватска, пред се од второто полувреме, треба да ги елиминираме. Говорам за оние аномалии за трпението, системот и тактичката дисциплина. Физичката подготовка е фактор број еден за да бидете на ниво цели 90 минути, но што е, тука е. Одиме да го извадиме максимумот, иако сме свесни дека е крај на сезоната и заморот е присутен кај играчите, како и проблемите кои ги имаат дел од играчите во клубовите“, изјави Милевски.
Селекторот Благоја Милевски замина за Храдец Кралове со сите играчи кои ги имаше претходно на располагање. Нема повредени имиња, отсутен е само Енис Барди кој се повреди додека играше за Трабзонспор.
Мечот меѓу Чешка и Македонија е закажан на 10 јуни.