Благоја Милевски – селекторот на македонската фудбалска репрезентација од претстојните натпревари во Лигата на нации очекува помладите фудбалери кои ќе добијат шанса за настап да ги покажат своите квалитети.
„Ќе ги искористиме овие натпревари да дадеме шанса буквално на сите и да имаме увид со што располагаме за она што ни следи во иднина. Се среќаваме со противници со изедначен квалитет, тука мислам и на Гибралтар кој во никој случај не смее да се потцени“ – рече Милевски на денешната прес-конференција.
Во првите четири кола од четвртата група Ц-сегмент во Лигата на нации Македонија ќе биде без услугите на Аријан Адеми, а на дел од средбите ќе го нема ниту неговиот клупски колега, капитенот Стефан Ристовски.
„Приморани сме да правиме ротации, но ова е можност на вакви натпревари да го видиме вистинскиот потенцијал. Најзадоволен ќе бидам ако сите кои ќе излезат на терен ја оправдаат нашата доверба. Се надевам дека повиканите фудбалери ќе бидат доволни да го заокружиме овој циклус“ рече Милевски.
Селекторот најави дека нашата селекција ќе игра на победа на сите четири натпревари, а улогата на капитен ќе ја има Енис Барди.
Македонските фудбалски репрезентативци циклусот во Лигата на нации ќе го почнат против Бугарија на 2. јуни, потоа следува гостувањето кај Гибралтар (5. јуни), а двата домашни натпревара се со Грузија (9. јуни) и Гибралтар (12. јуни).