Црна Гора е голем пријател на Северна Македонија и во нас имате силен заговорник на вашиот европски пат. Го охрабрувам дијалогот кој моментално постои во контекст на уставните измени, кои треба да ги направите. Се надевам дека од тоа ќе излезете уште посилни како општество, вели во екслузивното интервју за МИА новиот црногорски претседател Јаков Милатовиќ.
Тој со оценка дека во изминатиот период земјава направила значајни чекори напред, што според него било препознаено од Брисел, кој одговорил на еден добар начин давајќи и ветар в грб и на Северна Македонија со отпочнувањето на приот чекор од преговорите.
-Сигурно дека случувањата во Украина, односно руската агресија на Украина, го разбудија Брисел да почне малку повеќе политички да се однесува кон процесот на проширување, а не само технички, како што досега често беше случај. Тоа е навистина важно за сите наши земји од Западен Балкан, и тоа е она што суштински се промени во изминатите година дена дека Брисел сфати дека е неопходен тој политички замаец кон Западен Балкан, вели црногорскиот претседател Милатовиќ во интервјуто за МИА прашан за тоа колку е важно во контекст на евроинтеграцијата земјава да го искористи моментумот со новонастаните геополитички околности поради војната во Украина.
Во таа смисла, додава тој, „секако, Црна Гора најмногу напредуваше на тој пат и затоа мислам дека нашето полноправно членство би им дало силен ветар в грб на сите останати земји од Западн Балкан, а овде, пред се, мислам и на Северна Македонија“.