Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера изјави дека Израел ги загубил симпатиите поради бомбардирањето на Газа по нападот на Хамас врз таа земја во саботата.
„Правото на одбрана не го вклучува правото на одмазда и убивање цивили“, рече Милановиќ.
Во врска со поставувањето на израелското знаме на зградата на Министерството за надворешни и европски работи во Загреб, Милановиќ изјави дека тоа е „идиотски потег“, пренесуваат хрватските медиуми. „Во Хрватска нема место за други знамиња, освен знамињата на националното малцинство. Хрватското знаме е од повисок ред, хрватското знаме и знамето на НАТО или ЕУ не се исто. Кое знаме е следно? Се знае како се располагаат, а тоа е идиотската реакција на министерот“, рече Милановиќ.
Говорејќи за извлекувањето хрватски државјани од Израел, Милановиќ повторно го нарече идиотизам, а, вели, може да биде и неспособност, пренесуваат хрватските медиуми.
Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман вчера изјави дека нема потреба Хрватска да испраќа авиони за да ги превземе своите граѓани во Израел, бидејќи тие вршат редовни летови, а некои земји тоа го направиле за своја промоција, пренесува Танјуг.