Милановиќ за „коалицијата на подготвените“: Тоа е фикција во која хрватските војници нема да учествуваат

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ од Подгорица ја поздрави изјавата на министерот за одбрана Иван Анушиќ дека Хрватска „нема да избрзува“ во „коалицијата на подготвените“ за Украина, но нагласи и дека самиот предлог е фикција и никогаш нема да се оствари.

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ од Подгорица ја поздрави изјавата на министерот за одбрана Иван Анушиќ дека Хрватска „нема да избрзува“ во „коалицијата на подготвените“ за Украина, но нагласи и дека самиот предлог е фикција и никогаш нема да се оствари.

Неформалното име „коалиција на подготвените“ се однесува на група европски земји, заедно со Австралија, Канада и Нов Зеланд, кои се залагаат за испраќање мировни сили во источна Украина како безбедносна гаранција по постигнувањето мир меѓу Киев и Москва.

– Хрватска не е таа што ќе брза во таа насока, ниту Хрватска има намера да испрати свои војници. Не би шпекулирал дополнително, ниту пак е до мене да го кажам тоа. За тоа ќе одлучуваат премиерот и претседателот на државата, како и хрватскиот Сабор. Во овој момент ништо не е на маса, рече Анушиќ.

Милановиќ во Подгорица порача дека таквата изјава е „добронамерна“, но важно е што ќе каже премиерот, а на крајот и тој како врховен командант. Претседателот ја нарече „коалицијата на подготвените“ плод на „малку морбидна фиксација на Русија од страна на некои земји од ЕУ“.

Тој рече дека Русија е земја која „греши во многу работи“, но не претставува опасност за Европа, рече Милановиќ.

– Тоа едноставно не може да се продаде на личност која има минимум критички ум, нагласи тој.

За „коалицијата на подготвените“ мора да се исполнат неколку услови, од кои „ниту еден никогаш нема да биде исполнет“ бидејќи ЕУ не учествува и нема да учествува во мировните преговори, а Русија во секој случај не би се согласила на такви сили, рече тој.

Хрватската армија нема да оди во таква мисија „бидејќи тоа никогаш нема да се случи“, додаде хрватскиот претседател.

– Нема да учествуваме во таа фикција, продолжи Милановиќ, нарекувајќи го предлогот опасен и неодговорен. Тој рече дека слично размислуваат и „некои од клучните министри во владата на Андреј Пленковиќ“.