
Ќе се преземе се што е потребно за санирање на еколошките штети по пожарот во Трубарево, рече денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Како што изјави Меџити, се чека да се создадат услови за да се делува. Ќе се направат сите неопходни анализи на водата и почвата врз основа на кои ќе се преземат и соодветни мерки.
-Владата институционално делуваше и за кратко време успеа да се справи со огнот, со катастрофата. Луѓето кои беа блиску беа евакуирани, пожарникарите делуваа херојски и за еден ден се затвори овој проблем. Нормално, каде што има оган од такви размери има и загадување, затоа Министерството ги ангажираше и акредитираната лабораторија и приватни лаборатории. Има анализи и јавноста е транспарентно известена за состојбата. Ќе направиме се што е потребно за санирање на штетите. Чекаме да се создадат услови. Ќе има анализи на почвата, водата и на се што треба, па врз основа на тоа ќе се преземат соодветни мерки, истакна Меџити.
Пожарот во Трубарево избувна во саботата, на 13 септември. Се запали објект со непрописно складиран отпад. Поради обемот и опасноста, пожарот не можеше да се стави под контрола. Зафати најголем дел од складираниот електричен отпад и објекти на подружницата за рециклирање. Согорувањето предизвика масовно испуштање чад, пепел и гасови во амбиенталниот воздух.