
Меџити: Охридскиот договор е жив темел на правична и инклузивна држава
- Охридскиот договор не е само сеќавање – тој е жив процес, кој секојдневно треба да се претвора во правични закони, инклузивни политики и институции кои му служат на граѓанинот со чесност. Да го чуваме овој договор како наш политички и морален бисер. Да продолжиме да го спроведуваме со посветеност и визија. Зашто само така, нашиот заеднички дом – Северна Македонија – може да биде правична, еднаква и просперитетна држава за сите, рече Меџити.
„Владата што ја претставувам е посветена на изградбата на правен и институционален систем кој гарантира реална, а не само формална еднаквост. Ова не е само законска обврска – ова е политичка и морална мисија. Зашто последиците од формалната еднаквост сите денес ги чувствуваме! Последица на формалната еднаквост е половичниот Закон за употреба на албанскиот јазик кој е оспорен пред Уставниот суд, но и механизмот на балансирачот кој беше укинат токму од Уставниот суд“, рече Првиот заменик претседател на Владата, Изет Меџити на свечената седница по повод одбележувањето на 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
„И кога сме кај Судот, дозволете да потсетам дека во една мултиетничка држава, Уставниот суд има многу посуптилна и постратешка мисија отколку во етнички хомогена држава, бидејќи тој не го штити само уставниот поредок во формална смисла, туку и државниот кохезион и мирот меѓу заедниците. Уставниот суд во држави како нашата треба да биде гарант на уставната еднаквост. Тој треба да биде заштитник на темелните политички договори – значи, механизмите кои произлегуваат од еден мировен договор треба да ги почитува и да ги толкува со цел зачувување на етничката рамнотежа во државата.
Уставниот суд, како чувар на Уставот, има суштинска цел да придонесе за градењето на меѓуетничката доверба – односно да донесува аргументирани и транспарентни одлуки што зборуваат на јазикот на сите заедници! Уставниот суд треба да ги толкува законите согласно Уставот и неговиот дух – а не само да прави црно-бело читање на неговите членови“, истакна тој.
Според него, Владата го зајакнува користењето на јазиците, согласно принципите на Охридскиот договор и Уставот на државата, на сите нивоа на администрацијата и јавниот живот, како симбол на еднаквост и меѓуетничка почит. Едноставно кажано: употребата на албанскиот јазик во јавните институции не е укината, туку вложуваме напори да ја зајакнеме во услови кога актуелниот закон е оспорен пред Уставниот суд;
„Спроведуваме инклузивни политики во образованието и културата, кои го одразуваат нашиот општествен мозаик и му даваат на секое заедништво заслужен простор за зачувување и развивање на својот идентитет; Градиме мултиетничка државна служба, каде застапеноста не е само статистика, туку додадена вредност за ефикасноста и кредибилитетот на институциите. Во овој дух го изработивме и Законот за правична застапеност кој многу скоро ќе биде усвоен во Собранието. Во меѓувреме, вработувањата и унапредувањата во администрацијата продолжуваат, и слободно можеме да констатираме дека оваа година е најуспешната од осамостојувањето на Република Северна Македонија; Поддржуваме реформи во правосудството, за да обезбедиме независно и непристрасно судство, каде сите граѓани се третираат еднакво пред законот; Подготвуваме и усвојуваме закони кои ја продлабочуваат локалната демократија, им даваат повеќе надлежности на општините и ја зголемуваат отчетноста на власта кон граѓаните“, рече тој.
„Духот што сакаме да го инсталираме во нашето општество е духот на соживот, меѓусебна почит и заедничка надеж за иднината. Нема вистинска демократија без доверба, и нема функционална држава без еднаквост. Ова е филозофијата што ја води нашата влада: градење на општество кое ја гледа разновидноста не како пречка, туку како богатство; не како поделба, туку како можност. Свесни сме дека секоја вистинска промена почнува од институциите – од начинот на кој управуваме, како креираме закони и како ги спроведуваме. Затоа, секоја политичка одлука што ја носиме, секоја реформа што ја преземаме, јасно ни е дека мора да биде во согласност со духот и принципите на Охридскиот договор.
На крај, Охридскиот договор не е само сеќавање – тој е жив процес, кој секојдневно треба да се претвора во правични закони, инклузивни политики и институции кои му служат на граѓанинот со чесност. Да го чуваме овој договор како наш политички и морален бисер. Да продолжиме да го спроведуваме со посветеност и визија. Зашто само така, нашиот заеднички дом – Северна Македонија – може да биде правична, еднаква и просперитетна држава за сите“, рече Меџити.