Меџити претходно рече дека тоа нема тоа нема да биде класична партија, туку демократско движење кое поинаку ќе го артикулира различниот глас и тврди дека нема да биде лошо за Албанците, наспроти други истакнати членови на „огнените“ кои порано се спротивставија на идејата од причина што ќе се расцепка албанското гласачко тело.
Изет Меџити, еден од членовите на внатрепартиската фракција на владејачката ДУИ, вели дека од денеска ја почнува процедурата за формирање ново движење.
„Сè уште не сме размислувале за името на движењето. Дебатата е отворена и очекуваме да стигнат иницијативи од граѓаните“, вели Меџити во изјава за државната агенција МИА.
За попладнево од електронската пошта на „огнената група“ испратија и покана до медиумите за настан во Општина Чаир на кој ќе почнат подготовките за формирање на движењето.
Меџити на почетокот на јули во изјава за „360 степени“ рече дека сите опции се на маса, вклучително и формирање нова партија или движење, а подоцна во неколку јавни настапи го најави формирањето.
Во петокот за албанската телевизија Визион плус тој рече дека е дојден моментот и оти тоа нема да биде класична партија.
„Сигурно ќе биде демократско движење кое поинаку ќе го артикулира различниот глас, гласот ’против‘ внатре во ДУИ и тоа нема да биде лошо за Албанците во Македонија. Ако има предвремени или регуларни избори кои треба да се одржат следната година, ќе има позитивна промена, според моите предвидувања. Досега имаше една моќна партија ДУИ и мали албански партии кои не ја играа улогата на опозицијата. Сега мислам дека ќе има два албански политички блока, ќе има моќна позиција и опозиција кои нужно ќе произведат поголем ефект за движењето на албанското прашање“, рече Меџити.