Меџити, Касами и Гаши ќе договорат изборен настап со заеднички листи по 13 август
Синоќа лидерите на Движењето Беса и Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши одржале средба со Изет Меџити, лидер на огнената група кој претходно попладнето најави дека на 13 август и официјално ќе биде формирано ново политичко движење. Лидерите договорија нови средби и првична стратегија за заедничко дејствување и за настап на изборите. Со тројца „огнени“ пратеници опозицискиот блок е извесно дека веќе отсега ќе дејствува засилено и ден за ден ќе го надградува својот рејтинг.
Откако вчера попладнето лидерот на „огнената“ група, пратеникот Изет Меџити на состанокот со приврзаниците го најави официјално формирањето на нов политички субјект на 13 август, вечерта, како што дознава МКД.мк., тој имал состанок зад затворени врати и без најава за јавноста со лидерите на Движењето Беса и на Алтернатива, Биљал Касами и Африм Гаши.
На состанокот станало збор за преиспитување на моменталните политички позиции на двете партии и на групата на Меџити, проценка на поддршката што ја имаат меѓу граѓаните и уште еднаш биле разгледани можностите за заеднички настап на изборите кога и тие да се одржат. На средбата му била искажана поддршка на Меџити за храбрите чекори што тој со своите приврзаници ги направил во последните месеци и било оценето дека напуштањето на „огнените“ позиции од страна на Блерим Беџети, Муса Џафери и Невзат Бејта не мора да биде голем удар доколку се продолжи со решителни чекори за зацврстување на довербата и елиминирање на притисоците и манипулациите што доаѓаат од врвот на ДУИ во Мала Речица.
„Договорено е да се организира уште една средба во текот на идната недела на која уште еднаш ќе се разгледа позицијата на трите опозициски субјекти, во текот на првата недела од август работно да се разработат договорените точки од таа втора средба, а по 13 август, кога Изет Меџити и официјално ќе го промовира новиот политички субјект и неговото име, ќе биде организирана уште една средба. Тогаш, очекувањата наши се да се направи договор за заедничко дејствување до изборите и веројатно ќе падне договор на изборите, кога и тие да се одржат, да се оди со заедничка листа“, вели нашиот извор.
Извори од трите политички субјекти (Беса, Алтернатива и огнената група) потврдуваат дека најдобра опција е да се оди заеднички и со единствена листа на кандидати за пратеници, а по изборите, на кои очекувањата се ДУИ да биде поразена, да се формира еден политички блок.
Во разговор за МКД.мк се открива дека добро одат разговорите и меѓу самите Беса и Алтернатива имајќи предвид дека изминатите години односите не беа складни зашто порано тоа беше една партија, Движење Беса, а поради недоразбирања партијата се подели и од неа излезе уште една партија – Алтернатива. И не само тоа, туку уште се додава дека и самиот Изет Меџити тука има своја улога бидејќи успеал да помири поединци од Беса и Алтернатива.
Сега е добра шанса конечно да биде поразена ДУИ, велат извори од трите субјекти и посочуваат дека обединети се посилни. Ветер во грбот им прави ланската голема победа на Беса на локалните избори во Тетово. Притоа, уште се смета дека на изборите дополнителен број гласови може да се добие и од дел од гласачкото тело на Алијанса за Албанците кое е сега многу разочарано поради одлуката да се влезе во Владата во време кога рејтингот на власта паѓа заради бројни случаи на корупција и криминалот и разни афери.
Од партијата на Африм Гаши пак, споделија кус став даден за неколку медиуми на албански јазик и за МКД.мк, кој може да се толкува и како потврда на политичката волја да се оди со заеднички сили за победа над ДУИ.
„Дојде време Албанците да се ослободат од коруптивните политики на партијата ‘Соравиа’ и да се ослободат од политичарите нон – грата. Оваа цел нè освестува дека е време за соработка и надминување на лични суети зашто е во полза на општиот национален интерес“, велат од Алтернатива.