Меџити до членството на ДУИ: Напуштете го овој корумпиран брод кој тоне

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање кој е дел од Коалицијата Вреди, Изет Меџити, денеска на прес – конференција оцени дека одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа е потврда за исправноста на заложбите на коалицијата, и го повика членството на ДУИ да го напушти како што вели, бродот кој тоне.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање кој е дел од Коалицијата Вреди, Изет Меџити, денеска на прес – конференција оцени дека одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа е потврда за исправноста на заложбите на коалицијата, и го повика членството на ДУИ да го напушти како што вели, бродот кој тоне.

-Во текот на вчерашниот ден бевме сведоци на уште една потврда за исправноста на нашите заложби, одлуки и политички постапки. Се докажа дека нашите укажувања и барања за борба против корупцијата биле исправни и точни. Одлуката на американскиот Стејт Департмент за ставање на Артан Груби на т.н. црна листа забранувајќи му влез во САД е доказ дека се’ што сме зборувале било на место и сме биле во право. Бевме во право кога се боревме против корупцијата. Бевме во право кога баравме ДУИ да се справи со катастрофите во своите редови. Бевме во право кога ги откривме сценаријата на ДУИ за спас на Сашо Мијалков и враќање на Никола Груевски од Будимпешта во Скопје. Ја поздравуваме одлуката на Стејт департментот да помогне во борбата против корупцијата. Како и секогаш досега САД докажаа дека се наш прв и најзначаен стратешки партнер кој секогаш знае директно и јасно да ни ги посочи проблемите од кои страдаат нашите граѓани и нашата држава, изјави Меџити.

Тој посочи дека, да имала сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови, Артан Груби никогаш немало да стане вицепремиер во Владата.

-Да имаше сила ДУИ да се справи со корупцијата во своите редови Али Ахмети ќе послушаше кога баравме од него да го тргне и избрка Артан Груби. Да имаше сила Али Ахмети да му застане на патот на Артан Груби, да му го пресечеше патот на корупцијата, да го запираше Артан на патот на соработката со Сашо Мијалков и Никола Груевски ДУИ можеби и немаше да отиде во опозиција. Врските на Артан Груби, но изгледа и врските на Али Ахмети со Сашо Мијалков вчера беа потврдени од нашиот стратешки партнер од американскиот Стејт Департмент. Се уверивме јавно дека Артан Груби бил платен од Сашо Мијалков. Отворено се боревме против Никола Груевски и Сашо Мијалков, но не сите очигледно. Некои соработувале, некои директно како Артан Груби, а некои токму преку истиот Артан Груби соработувале, а и одработувале за нив, вели Меџити.

Тој кажа дека кога барале да се смени Артан Груби од партијата и од вицепремиерската функција биле одбиени, а Али Ахмети немал слух за тоа што навреме му го укажувале и побара од членството на ДУИ да го напуштат раководството.

„Јасно и гласно ги повикувам сите членови на ДУИ да го напуштат тоа раководство. Напуштете го овој корумпиран брод кој тоне. Албанската борба за правда и достоинство ниту започна со ДУИ, ниту ќе заврши со ДУИ, порача Меџити.