Меџити го смени директорот на Кардиохирургија, вели „веќе нема да има директори кои седат и спијат по 5 или по 10 години“

Министерот за здравство Фатмир Меџити одговарајќи на новинарско прашање за разрешувањето на директорот на Универзитетската клиника за кардиохирургија проф. д-р Сашко Јовев денеска изјави дека секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето тој ќе постапи исто.

-Веќе нема да има директори кои седат и спијат по пет или по десет години, немаат никаков резултат и затоа здравството е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во се друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите дека некој нема да седи шест месеци, ќе поднесе извештај за тоа што има сработено, рече Меџити.

Тој рече дека Јовев е кадар на коалицискиот партнер СДСМ и оти тие треба да предложат друго име.

-Овие се транзиторни, минливи позиции и функции. Нема некој засекогаш тука, бесмртен да биде, ниту јас ниту некој друг, ниту директорите, нагласи Меџити по промоцијата на новата онлајн услуга: електронска регистрација на новороденче.

Меџити денеска го разрешил д-р Јовев, која ја предводеше првата трансплантација на срце во земјава.

Министерот за здравство упати пофаба за работата, функционирањето и доброто менаџирање во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“-Чаир.

Одговорајќи на новинарско прашање за смртните случаи со Битолската болница, Меџити изјави дека Министерството за здравство и неговиот Кабинет од почеток биле, како што рече, многу транспарентни за оваа тема во Битола, но тоа сега е во друга надлежност.

– Тоа веќе е во надлежните институции, во Обвинителството и ние тука не смееме ништо да кажуваме, повтори Меџити.

Прашан колку кадар се вработи во Битолската болница и колку реорганизации се направени, Меџити изјави дека по Ковид пандемијата и по економската криза во државата, сите барања се пренасочено во Министерството за финансии.

-Чекаме одговор од таму и не стоиме со вкрстени раце. Пак побарав, ќе има и една посебна седница на Влада за која ќе разговараме токму за здравството и за овие вработувања. Не седиме така, работиме многу, ќе бараме, но, тоа не зависи од нас и од мене како министер. Тоа што ми е пратено како молба, како барање, како потреба за вработувања, за тоа и денеска дискутиравме. Ако некој доаѓа со договор на дело, може да е шест месеци и потоа по автоматизам да добие решение за работа, а не да седи по пет-шест години или десет години, образложи министерот за здравство. Додаде дека затоа бараат законски можности и промена на закон.