
Меѓународни реакции по втората годишнина од нападот на Хамас врз Израел
Денеска е втората годишнина од нападот на радикалната палестинска групација Хамас врз Израел, со што започна конфликтот во Појасот Газа. Голем дел од европските лидери дадоа изјава по тој повод.
Денеска е втората годишнина од нападот на радикалната палестинска групација Хамас врз Израел, со што започна конфликтот во Појасот Газа. Голем дел од европските лидери дадоа изјава по тој повод.
Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија: „Никогаш нема да го заборавиме ужасот од нападите на Хамас на 7 октомври (2023 година) и болката што им ја нанесоа на невините жртви, нивните семејства и целиот израелски народ пред две години. Ние им оддаваме почит работејќи неуморно за мир. Итното ослободување на сите заложници и прекинот на огнот се веќе многу блиску… Мора да го искористиме овој момент за да го отвориме патот кон траен мир во регионот, заснован на решението за две држави.“
Емануел Макрон, претседател на Франција: „Две години по неописливиот ужас од тероризмот на Хамас, болката останува силна. Ние не забораваме. Ја повторувам пораката на Франција: ослободувањето на сите заложници и прекинот на огнот мора да се реализираат без одложување“.
Џорџа Мелони, премиерка на Италија: „Поминаа две години од срамното крвопролевање извршено од терористите на Хамас врз илјадници беспомошни и невини израелски граѓани, вклучувајќи жени и деца. Неописливи злосторства, кои го прават 7 октомври (2023 година) една од најмрачните страници во историјата. Насилството на Хамас предизвика невидена криза на Блискиот Исток. Воената реакција на Израел ги надмина сите принципи на пропорционалност, одземајќи го животот на премногу невини луѓе меѓу цивилното население во Појасот Газа. Сите ние имаме обврска да направиме сѐ што е во наша моќ за да обезбедиме успех на оваа скапоцена и кревка можност – мировниот план, претставен од американскиот претседател Доналд Трамп.“
Кир Стармер, премиер на Обединетото Кралство: „Времето не го намалува злото на кое сведочевме тој ден. Ова е најтешкиот удар врз еврејскиот народ од времето на Холокаустот. Нашиот приоритет на Блискиот Исток останува ист: ослободување на заложниците. Зголемување на помошта за Газа. И примирје што ќе доведе до траен и праведен мир како чекор кон решение со две држави. Безбеден и сигурен Израел, покрај одржлива палестинска држава.“
Киријакос Мицотакис, премиер на Грција: „Денеска застануваме да им оддадеме почит на жртвите на теророт. Застануваме цврсто против омразата и насилството. Додека напредуваат преговорите според планот на претседателот на САД (Доналд Трамп), ги повикуваме сите страни да дејствуваат со храброст и воздржаност: кон траен прекин на огнот, ослободување на сите заложници и иднина на мир и безбедност за сите“.
Улф Кристершон, премиер на Шведска: „Од ужасниот терористички напад на Хамас врз Израел, Евреите во Шведска сведочат дека се чувствуваат несигурни во сопствената земја. Мојата порака е: во Шведска нема место за антисемитизам. Шведските Евреи мора да можат со гордост да ја носат Давидовата ѕвезда…“