Меѓународната трговија на Македонија пуштена по надолнина!
Во првите шест месеци од годинава вкупната трговска размена на земјава со странство изнесува речиси 9,5 милијарди евра. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека забележано е намалување од 6,7 отсто на годишно ниво.
Најмногу увезуваме нафта и деривати, а извозот ни се состои во најголема мера од металната индустрија и секако автомобилската индустрија претежно од фабриките кои се сместени во индустриските развојни зони. Германија и натаму е нашиот најдобар трговски партнер.
Официјалните податоци покажуваат дека трговскиот дефицит, во периодот јануари-јуни 2024 година, изнесува 99 373.2 милиони денари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-јуни 2024, изнесува 70.9 %.
Статистичарите забележале дека трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта како и други катализатори на носачи.
„Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари-јуни 2024 година, изнесува 241 975.1 милиони денари и бележи пад од 7.6 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари-јуни 2024 година, изнесува 341 348.3 милиони денари. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија“, се наведува во извештајот на ДЗС.
Бизнисот веќе подолго време апелира да се поддржуваат извозните компании се со цел да се подобрат токму овие негативни податоци кои велат дека имаме пад во вклупната меѓународна трговија. Како држава претендент за членство во Европската унија поразително е да се испорачуваат вакви резултати. Стопанската комора веќе формираше и Национален совет за извоз, но првите позитивни ефекти по се изгледа дека ќе почекаме додека ги видиме. Претседател на Советот е Бранко Азески, претседател на Стопанската комора, а во истиот членуваат и претставници на Владата, органи на државната управа кои имаат надлежности и вршат активности поврзани со извозот и претставници од различни извозно ориентирани сектори и компании.
„Целта на ова тело е да обезбеди поголема поддршка за домашните извозни компании во нивните напори за зголемување на конкурентноста и градење на системски пристап за поголема промоција на извозните компании и производи на регионалните и меѓународните пазари. Ние како земја сме мал пазар со ограничена куповна моќ и единствен начин да се развиваме во иднина како економија е да градиме извозни капацитети и компании кои ќе бидат подготвени да се натпреваруваат и победуваат на регионалните и глобалните пазари“, велат од Стопанската комора.
Во моментот нашите компании извезуваат само 370 производи со вредност поголема од 1 милион долари, а првите 25 извозни производи учествуваат со 66% во вкупниот извоз на земјата. Дури 95% од македонскиот извоз се пласира на само 25 пазари од вкупно 3.500 извозни компании во моментот само 450 извезуваат со вредност поголема од 1 милион долари. Ставот на бизнисот е дека овие се поразителни бројки кои ние како земја час поскоро треба и мора да ги промениме. Во периодот јануари-јуни 2024 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.