
Меѓународен ден на жената 8 Март – борба за економска, политичка и општествена рамноправност
Меѓународниот ден на жената – 8 Март, и оваа година го надминува симболичниот гест на подарени цвеќиња и комерцијални црвено-розови понуди, потсетувајќи дека неговата суштина лежи во долгогодишната борба за економска, политичка и општествена еднаквост. И покрај поместувањата во законодавството и политиките за родова еднаквост, податоците за Северна Македонија покажуваат дека жените и понатаму се соочуваат со сериозни структурни бариери како што се понизок степен на вработеност, родов јаз во платите и недоволна застапеност во раководни и политички позиции.
– Меѓународниот ден на жената – 8 Март, и оваа година го надминува симболичниот гест на подарени цвеќиња и комерцијални црвено-розови понуди, потсетувајќи дека неговата суштина лежи во долгогодишната борба за економска, политичка и општествена еднаквост. И покрај поместувањата во законодавството и политиките за родова еднаквост, податоците за Северна Македонија покажуваат дека жените и понатаму се соочуваат со сериозни структурни бариери како што се понизок степен на вработеност, родов јаз во платите и недоволна застапеност во раководни и политички позиции.
Родовиот јаз во вработувањето иако во последните години бележи благо намалување разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд во Македонија доведуваат до родов јаз во стапката на вработеност што во 2024 година изнесува 18.0%.
Разликата во платите што ги заработуваат жените и мажите нема само економска важност, туку претставува и одраз на пошироките социо-економски односи во рамките на едно општество, т.е. го покажува пристапот на жените до економските можности. Родовиот јаз во платите е дел од севкупната нееднаквост на жените на пазарот на трудот што води кон нивната економ-ска зависност, намалената моќ за договарање во домаќинството (вклучително за расходите за образование и здравствена заштита на децата), зголемен ризик од семејно насилство …
Податоците во публикацијата „Жените и мажите во Северна Македонија 2025“ на Државниот завод за статистика покажуваат дека процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население е речиси подеднакво, но гледано по возрасни групи во возрасната група од 65 и повеќе бројот на жени е за 16.8% поголем од бројот на мажите, додека од 51 лице на возраст над 100 години 65% се жени.

Жените се значително помалку активни на пазарот на труд од мажите иако повеќе се школуваат од мажите и од година во година во високото образование, во половата структура се забележува дека на факултетите се запишуваат и завршуваат повеќе жени.
Од вкупниот број неактивни жени на пазарот на труд најголемиот дел, односно 37.4%, имаат завршено само основно образование, а од нив 48.5% живеат во руралните делови на државата.
Од вкупниот број работодавачи во Македонија, само 27.2% се жени, а слично на тоа само 21,5% од вработените за сопствена сметка се жени. Најголем број на неплатени семејни работници се жените од руралните средини, со вкупен број од 9 387, наспроти 4 033 мажи.
Според податоците на Државниот завод за статистика во 2024 од вкупно 694 506 вработени, 57,5% или 399 164 се мажи, додека 42,5% или 295 342 се жени.
По сектори најголем дел од жените работат во преработувачка индустрија – 21,3%, трговија на големо и мало – 16,3%, здравствена и социјална зажтита – 12,8% и образование – 10%.
Според структурата по конкретни дејности жените доминираат во дејностите од здравствена и социјална заштита (77,8%), образование (65,4%) и финансиските дејности и дејности за осигурување (60,8%).

Моќ и донесување одлуки: Прва жена претседател во 2024, но намалено учеството на жените во Собранието на 39.2%
Во 2024 година Република Северна Македонија ја доби првата жена Претседател на државата. По државните избори во 2024 година, учеството на жените во Собранието на Република Северна Македонија се намали, со 39.2%, односно 47 жени од вкупно 120 пратеници, 4 помалку од претходниот состав, кога застапеноста на жените достигна 42.5%.
Во Владата на Република Северна Македонија, по изборите во 2024 година, има само 3 жени министерки од вкупно 18 министерства и 5 заменици на Претседателот на владата, што претставува застапеност од 12.5% и е една жена помалку од составот на претходната влада.
Жените се значително помалку активни на пазарот на труд од мажите
Во Република Северна Македонија жените се значително помалку активни на пазарот на труд од мажите. Стапката на вработеност на жените во 2023 година изнесуваше 37.9%, односно 57.2% од жените се економски неактивни. Споредбено, истата година, стапката на активно учество на мажите на пазарот на труд изнесува 53.2%, додека пак стапката на неактивност е 38.0%. Разликите во стапките на учество на жените и мажите на пазарот на труд доведуваат до родов јаз во стапката на вработеност што во 2023 изнесува 18.0%.
Стапката на вработеност е најголема кај жените и мажите на возраст од 25-49 години. Кај младото население на возраст од 15 до 29 години стапката на вработеност во 2023 година изнесува 33.6%. Стапката на вработеност кај девојките и жените од истата возрасна група изнесува 27.6%, наспроти 39.3% кај момчињата и мажите.
И во урбаниот и во руралниот дел од државата најголем дел од вработеното население има завршено 4-годишно средно образование, односно 44.4% од вработените жени и 50.5% од вработените мажи. Во 2023 година најзначајната разлика е забележана во учеството на вработените лица со високо образование – кај вработените, 38.8% жени имаат високо образование, а истото важи за 30.0% од вработените мажи. Споредбено, во руралните делови, 22.7% од вработените жени имаат високо образование наспроти 12.6% од вработените мажи.

Од вкупниот број неактивни жени на пазарот на труд најголемиот дел, односно 37.4%, имаат завршено само основно образование, а од нив 48.5% живеат во руралните делови на државата. Најголем дел од неактивните мажи имаат завршено 4-годишно средно образование односно 37.5%, наспроти 33.9% од неактивните жени. Жените се генерално помалку застапени и во формалното вработување со 44.1% и во неформалното вработување со 28.2%.
Од вкупниот број работодавачи во Северна Македонија во 2023 година, само 27.2% се жени. Слично на тоа, 78.5% од вработените за сопствена сметка се мажи додека 21.5% се жени. Во 2023 година, најголем број на неплатени семејни работници се жените од руралните средини, со вкупен број од 9387, наспроти 4 033 мажи.
Жените живеат 4.4 години повеќе од мажите
Според податоците од последниот Попис на населението, домаќинствата и становите во 2021 година, Република Северна Македонија има 1 836 713 жители, што е за 5.6% помалку во однос на Пописот од 1994 година и 9.2% помалку во однос на Пописот од 2002 година.
Процентуалното учество на жените и на мажите во вкупното население е речиси подеднакво, но за првпат во Пописот 2021 учеството на жените со 50.4% е поголемо од учеството на мажите (49.6%). Овој податок оди во прилог и на показателот за бројот на мажи на 1000 жени што изнесува 984.3 мажи на 1000 жени.
Гледајќи ја состојбата по возрасни групи, во возрасната група од 0 до 14 години бројот на мажи е за 6.7% поголем од бројот на жени, во возрасната група од 15 до 64 години бројот на мажи е само за 0.7% поголем од бројот на жени, а во возрасната група од 65 и повеќе бројот на жени е за 16.8% поголем од бројот на мажите. Куриозитет е што во Република Северна Македонија е попишано и 51 лице на возраст над 100 години, од кои 33 се жени, а 18 се мажи.
Според Пописот од 2021 година, според типот на семејството, од вкупно 538 348 семејства, 10.1% се сами мајки со деца, а 3.2% сами татковци со деца.
Во последните децении, Република Северна Македонија се соочува со бројни предизвици кои произлегуваат од постоечките економски и социјални состојби, кои имаат директно влијание врз населението. Додека стапките на раѓања се намалуваат, а со тоа се намалува и учеството на младите во целокупната структура на населението, бројот на старите луѓе сè повеќе се зголемува.
Во 2023 година, просечната возраст на населението изнесува 41.2 години (на жените 42.1 години и на мажите 40.3 години). Според очекуваното траење на животот во Република Северна Македонија, жените живеат 77.6 години, односно за 4.4 години подолго од мажите, кои живеат 73.2 години.
Стапката на смртност од хронични болести е значително поголема кај мажите отколку кај жените, додека учеството на мажите во вкупниот бројот на умрени во транспортни несреќи е 80%
Во 2023 година, од вкупниот број умрени лица, 47.3% се жени. Најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем со 8836 лица, од кои 50.6% се жени, потоа следуваат случаите каде што како причина за смрт се јавува неоплазма, од кои 40% се жени. Стапката на смртност од хронични болести е значително поголема кај мажите отколку кај жените. Вкупниот бројот на самоубиства е речиси ист, но во поголем број се причина за смрт кај мажите.
Просечно во Република Северна Македонија во периодот од 2013 до 2022 година нови случаи на рак на ниво на година има 7217 односно на 100 000 население има 374.78 случаи. 53.8% од случаите се мажи, додека 46.2% се жени. До 50 годишна возраст жените се застапени со 61.8%, а мажите со 38.2%. Над 50 годишна возраст мажите се застапени со 55.9% за разлика од жените со 44.1%. Околу 88% од случаите на рак се меѓу популацијата што е постара од 50 години од кои помеѓу 50 и 60 години се 18.2%. Најзастапена дијагноза кај женското население е малигната неоплазма на дојка со 25.1%.
Во 2023 година во вкупниот број случаи на насилна смрт (412) најголемо учество имаат „несреќните случаи“ со 69.9%, каде жените учествуваат со 28.5%, „самоубиствата“ со 25.2% од кои 25% се жени и „убиствата“ со 4.9% од кои 20.0% жени. Во вкупниот бројот на умрени лица во транспортни несреќи евидентно е поголемото учество на мажите со 80.0%.

На факултетите се запишуваат повеќе жени и на прв, втор и трет циклус
Состојбите во областа на образованието не се разликуваат во основното и средното образование, од година во година во високото образование, во половата структура се забележува дека на факултетите се запишуваат повеќе жени, а исто така, повеќе жени се запишуваат на втор и на трет циклус студии, а овој сооднос се однесува и на завршените студенти на прв, втор и трет циклус.
Нето-стапките на запишани ученици (од двата пола) во основното и во средното образование бележат намалување.
Во основното и во средното образование, се забележува истата полова структура меѓу учениците, додека бројот на ученички и ученици што продолжуваат од основното образование во средно образование се намалува.
Во средното образование поголема е заинтересираноста на ученичките за гимназиско образование, додека кај учениците за стручно образование. Најмногу ученички има во јазична гимназија, каде во структурата на запишани ученици 68% се женски, а 32% машки. Во структурата на средно стручно образование женските доминираат во лични услуги – 76%, здравствена – 71% и хемиско-технолошка и правна – по 62%.
Во високото образование, од година во година, во половата структура се забележува дека на факултетите се запишуваат повеќе жени. Исто така, повеќе жени се запишуваат на втор и на трет циклус студии, а овој сооднос се однесува и на завршените студенти на прв, втор и трет циклус.
Жените многу помалку се занимаваат со криминални активности – само 12% од лицата пријавени како сторители на кривични дела се жени
Жените многу помалку се занимаваат со криминални активности и многу помалку се застапени во системот на кривичната правда отколку мажите. Генералната слика е иста и за малолетните лица на возраст под 18 години.
Во 2023 година, жените претставуваат 12% од лицата пријавени како сторители на кривични дела, 9% од обвинетите и исто толку осуденички за сторени кривични дела. Девојчињата сè уште поретко застапени во системот на кривичната правда отколку возрасните жени. Во 2023 година, девојчињата се застапени со значително помали проценти, односно 6% се сторителки, 5% се обвинети и 5% се осудени за кривични дела.

Од вкупно 6528 осудени полнолетни лица за кривични дела, жените се застапени со само 9% наспроти 91% мажи. Жените се најмалку застапени како сторителки на кривично дело „убиство“.
Жените се повнимателни возачи и значително помалку ја загрозуваат безбедноста во сообраќајот од мажите, односно 9% жени наспроти 91% мажи кои биле осудени за извршување на ова кривично дело во 2023 година. Само 3% од вкупниот број осудени за тешки кражби се жени, наспроти 97% мажи.
Клучни настани во поглед на законодавството и политиката за родова еднаквост во Македонија:
1991 – Пристапување кон Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација
врз жените (CEDAW) и потпишување на Факултативниот протокол што стапи на сила
во 2003 година
1999 – Донесен првиот Национален акциски план за родова еднаквост
2001 – Се воведува родова квота, која налага 30% од кандидатите на изборните листи на
национално и на локално ниво да бидат од помалку застапениот пол
2005 – Донесен Закон за работни односи, со одредби за заштита од дискриминација и
еднакви можности на жените и мажите
2006 – Донесен Закон за еднакви можности на жените и мажите
2010 – Донесен Закон за спречување и заштита од дискриминација
2013 – Донесена првата Стратегија за родова еднаквост за 2013 – 2020 година
2014 – Донесен Закон за спречување и заштита од семејно насилство
2015 – Измени и дополнувања на Изборниот законик, со кои се зголемува родовата
квота од 30% на 40% застапеност на помалку застапениот пол на кандидатите на
изборните листи
2015 – Измени и дополнувања на Законот за работни односи – со кои се налага еднаква
плата за жените и мажите и еднаков третман во поглед на вработувањето, работното
време, условите за работа, професионалните шеми за социјално осигурување и
отсуството од работа
2017 – Донесен Закон за ратификација на Конвенцијата за спречување и борба против
насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција) (која беше
потпишана во 2011 година, а стапи на сила во 2018 година)
2022 – Отворен е Ресурсен центар за родово одговорно креирање на политики и
буџетирање од страна на Министерството за социјална политика, демографија
и млади, во партнерство со Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија
2024 – Гордана Сиљановска – Давкова избрана за прва жена Претседателка на Република Северна Македонија
Меѓународниот ден на жената – 8 Март се прославува секоја година во сеќавање на протестот на текстилните работнички во Њујорк со барање за поголеми права, одржан во 1857 година. Обединетите нации го чествуваат овој ден од 1975 година, а две години подоцна Генералното собрание на ОН ги повика земјите членки да го прогласат 8 март за официјален празник на Светската организација посветен на правата на жените и светскиот мир. Од тогаш, Меѓународниот ден на жената се прославува на глобално ниво со фокус на движењето за правата на жените, родовата еднаквост, репродуктивните права и борбата против насилството и злоупотребата на жените.
Александар Атанасов