На ВМРО-ДПМНЕ најмногу ќе им одговара СДСМ како најизразена опозиција затоа што си ги имаат договорите, истакна пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во емисијата „Тешки муабети“. Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ се плаши од Левица како опоцизија, а оздравувањето на СДСМ само ќе значи продолжување на досегашниот маѓепсан круг.
– Тоа би придонело само да продолжи овој маѓепсан круг на ротирање на Курто и Мурто, затоа што, повторно ќе потенцирам, на ВМРО-ДПМНЕ најмногу би им одговарал СДСМ како најизразена опозиција затоа што си имаат нечиста облека, затоа што си ги имаат договорите, мислам, цела јавност знае за состаноците помеѓу Александар Николоски и Зоран Заев пред изборите. Тоа се, практично, едни сијамски близнаци – рече Мециновиќ.
Пратеникот Мециновиќ додаде дека за македонската демократија е здраво да се изнедрат повеќе опции и затоа сега е вистинско време да се искористи шансата за промена на рамнотежата.
– Сега, навистина, се наоѓаме во момент во кој имаме вистинска шанса да ја промениме рамнотежата во македонската демократија. На крајот на краиштата, здраво е за македонската демократија да се изнедрат нови опции кои ќе ја оплеменат политичката култура – појасни Мециновиќ.