„Не би сакал никогаш да се разделиме бидејќи не само што сме две соседни земји, туку сме исклучително заинтересирани Македонија да има прогрес, и доколку се движат побрзо од Албанија, нека има прогрес, и Албанија нема зошто да ја влече Македонија назад“. Ова го изјави албанскиот претедател Илир Мета синоќа за ТВ 21.
Тој рече дека како држави треба да ги зголемиме напорите за да се движиме заедно по овој пат и да се најде решение со Бугарија и билатералните прашања да не бидат пречка за пристапувањето на некоја држава кон ЕУ.
„Ова беше мојот став и претходно и реков дека последните 2,3 години Македонија е многу понапред од Албанија, во правец на исполнување на главните задачи од евроинтеграцискиот процес. Досегашното вето од Бугарија е неоправдано бидејќи е неприфатливо билатерално прашање да стане пречка за проширувањето, бидејќи излегува дека секоја држава членка на ЕУ да може да постави вето било кому“ – рече Мета.
Тој најави дека наскоро ќе го посети бугарскиот претседател Румен Радев и ќе разговара за она што може да се стори за решавање на македонско-бугарскиот спор.
Претседателот Илир Мета е во тридневна посета на Скопје.
Денеска ќе се сретне со претседателот на државава, Стево Пендаровски, и претседателот на Собранието, Талат Џафери.