Tехнолошкиот гигант „Meta Platforms“ планира да ги намали трошоците за најмалку 10% во наредните месеци, делумно преку отпуштања. Ваквиот чекор доаѓа кога компанијата се бори со стагнантниот раст и зголемената конкуренција, пренесува „Wall Street Journal“.
Компанијата со седиште во Калифорнија почна тивко да ги отпушта вработените со реорганизација на некои одделенија и давање на засегнатите ограничени можности да аплицираат за други позиции во организацијата, според сегашните и поранешните менаџери запознаени со ова прашање. Овој потег овозможува намалување на персоналот, а истовремено спречува масовни отпуштања.
Се очекува тоа да биде увертира за поголеми отпуштања, велат извори запознаени со плановите на компанијата.
Промените доаѓаат неколку недели откако директорите на „Meta“ јавно разговараа за потребата од замрзнување на вработувањата и „немилосрдна приоритизација“ на бизнисот, притоа избегнувајќи го зборот отпуштања.
Како одговор на прашање, портпаролката на „Meta“, Трејси Клејтон потсети на изјавата на извршниот директор Марк Цукерберг во јули, во која тој посочи дека компанијата ќе треба да ги префрли ресурсите на своите корпоративни приоритети, бидејќи притисоците врз фирмата се зголемуваат.
„Јавно зборувавме за потребата од промени во нашите тимови за да одговориме на овие предизвици“, истакнува Клејтон.
„Да им се дозволи на вработените да аплицираат за друга позиција на одреден временски период е опција за задржување на талентите во „Meta“ што инаку би го изгубила“, рече тој.
Портпаролот одби да каже колку работници биле погодени од ваквата одлука на компанијата.
Компанијата ја намалува својата прогноза за оперативните трошоци од третиот квартал минатата година, но претходно не сугерираше дека ќе ја намали работната сила преку какви било средства освен природни отпуштања.
На крајот на вториот квартал од оваа година, „Meta“ објави дека има 85.553 вработени, што е за 32% повеќе од претходната година.