
Месото поскапе за 20 денари, се заканува недостиг на свинско месо и сувомесни производи
Денеска поскапе свинското месо и се продава за 20 денари повеќе по килограм. Ако владата не интервенира можно е земјава да се соочи со недостиг не само на свежо свинско месо, туку и на сувомесни производи, предупредуваат производителите и преработувачите.
Ќе има ли криза со свежо свинско месо во земјава по зафаќањето со болеста свинска чума на една од најголемите фарми за товење свињи?
Надлежните велат дека ситуацијата е под контрола и нема да се јави кусок на свежо месо на пазарите и повикуваат да не се манипулира со цените, но производителите и преработувачите велат дека состојбата е многу позагрижувачка.
– Денеска поскапе свинското месо и се продава за 20 денари поскапо по килограм, а ако владата не го реши проблемот можно е земјава да се соочи со уште поголем проблем – да се регистрира недостиг не само на свежо свинско месо, туку и на сувомесни производи – велат производителите и преработувачите.
Деновиве една од најголемите фарми со 9.000 товени свињи наменети за домашниот пазар е погодена од свинска чума и мора да ги уништи сите единки. Тоа според пресметките на познавачите на секторот, ќе значи од 850 до 900 тони свежо месо помалку на пазарот во земјава до наредниот турнус, што сигурно ќе влијае и на цената на месото.
– Тој недостиг ќе мора да се увезе од надвор, а со оглед на ширењето на свинската чума во регионот, или нема да може да се увезе бидејќи земјите од регионот ќе треба да ги задоволат прво своите потреби, па да извезуваат или ќе биде по многу повисока цена од сегашната, а тоа значи и повисока цена за крајниот потрошувач. Денеска сме сведоци на поскапување на месото во продавниците за 20 денари, а ако не се преземе ништо цените ќе растат бидејќи понудата ќе опаѓа, а побарувачката на месо ќе расте – вели Благоја Бајдовски од месната индустрија „Екстра Меин“.
Според него, проблемот станува уште посложен, ако се знае дека моментално на берзите никој не нуди свинско месо, па и месната индустрија може да се соочи со проблем за набавка на суровина за преработка.
– Состојбата со свинско месо е сложена во светот. Моментално на берзите не се нуди свинско месо, што влијае и на нашата работа бидејќи оние кои немаат резерви наредните месеци ќе бидат соочени со проблем да не можат да произведуваат сувомесни производи. Најава за нормализација на пазарот се очекува во ноември, но и тоа не е сигурно бидејќи болеста свинска чума се шири многу брзо во Европа и некако засега се контролира на американскиот континент. Затоа е потребна и брза реакција во овој период за да не дојдеме во ситуација да го нема месото во продавниците, а цените да растат – вели Бајдовски.
Тој предлага мултиинституционално решавање на кризата со свинско месо за да се задржат сегашните цени и да се реши недостигот.
– Потребно е Министерството за економија и вицепремиерот за економски прашања да се сретнат со производителите и преработувачката индустрија преку коморите и да изградат став како да го решат проблемот без да се зголеми цената на месото и производите од свинско месо. Едно од решенијата е да се укине царината на увезеното месо за да се обезбедат доволни количини на месо за пазарот и за производството на сувомесни производи, пред да навлеземе во поголема криза Но, власта треба да сака да го реши проблемот, а не само да ветува дека ќе го реши и ништо да не прави – вели тој.
И одгледувачи на свињи и друг вид добиток велат дека цените на месото ќе растат бидејќи се намалува производството.