Мерсие: ЕУ очекува веродостојна истрага за прекумерната употреба на полициска сила на протестите во Србија

Правото на мирни протести треба да биде почитувано во Србија. Полициските акции мора да бидат соодветни и да се почитуваат правата на сите, вклучително и на сите оние кои се приведени, нагласи Мерсие.

Европската унија внимателно ја следи актуелната ситуација во Србија и ги осудува сите акти на омраза и насилство, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.

– Правото на мирни протести треба да биде почитувано во Србија. Полициските акции мора да бидат соодветни и да се почитуваат правата на сите, вклучително и на сите оние кои се приведени, нагласи Мерсие.

Тој потенцира дека ЕУ очекува брза, транспарентна и веродостојна истрага за прекумерната употреба на сила од страна на органите на власта на протестите за време на викендов.

– Фундаменталните вредности се сржта на заедничкиот проект на ЕУ и тие треба целосно да се почитуваат. Ова важи и за слободата на собирање како фундаментално право на ЕУ, додаде Мерсие.

Во врска со изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ дека протестите во Србија се обид за „шарена револуција“ и обвинувањата од страна провладините медиуми во земјата дека зад тоа стојат западни земји, вклучително и ЕУ, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо истакна дека Унијата негира какво било поттикнување на антивладини протести од нејзина страна каде било во светот, не само во Србија.

– Ги почитуваме оние кои се избрани од граѓаните и населението и сакаме тоа да го нагласиме многу, многу јасно, додаде Пињо.