
Мерсие: ЕУ е загрижена поради зголемениот притисок и напади врз новинарите во Србија
Исто така, очекуваме државните функционери да се воздржат од вербални напади и закани кон новинари, потенцира Мерсие.
Европската Унија е загрижена поради зголемениот притисок и нападите со кои се сочуваат новинарите во контекст на студентските и граѓанските протести во Србија, изјави портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие.
– Очекуваме надлежните власти брзо да ги процесираат овие и сите други случаи на напади и да обезбедат ефикасна судска постапка за сите овие случаи и за изведување на нивните сторители пред лицето на правдата, изјави Мерсие во одговор на новинарско прашање во врска со упатеното писмо на редакцијата на српската телевизијата Н1 до Европската комисија поради „ескалацијата на заканите“ против медиумот и неговите новинари, како и за коментар на тоа што ниту една институција во Србија не реагирала на заканите.
Мерсие потврди дека Комисијата го добила писмото од телевизијата Н1 и дека ќе одговори на него.
– Кога станува збор за слободата на медиумите, како што знаете, тоа е еден од основните темели на демократските општества и на пристапувањето кон ЕУ. Клучно е Србија да создаде поволен амбиент во кој слободата на медиумите и слободата на изразување во медиумите можат да се остваруваат без притисоци, изјави Мерсие.
Тој додаде дека е клучно на новинарите да им се овозможи да ја извршуваат својата работа без какви било закани, притисоци, вознемирувања и заплашувања, а на граѓаните да им се обезбеди пристап до сите информации,
– Исто така, очекуваме државните функционери да се воздржат од вербални напади и закани кон новинари, потенцира Мерсие.
Во однос на информациите дека Србија спроведува „хибридна војна“ во Косово преку телекомуникацискиот оператор МТС, портпаролот на ЕК за надворешни работи и безбедносна политика Ануар Ал Ануни изјави дека ваквите обвинувањата треба да бидат утврдени од страна на косовската регулаторна комисија за телекомуникации или од тамошните правосудни власти.
– Кога станува збор за ЕУ, во рамки на дијалогот на високо ниво, во 2013 година е постигнат договор за телекомуникациите и се нормализирани телекомуникациски услуги во Косово. Утврдување на усогласеноста со косовската регулаторна рамка е одговорност на независниот регулаторен орган за електронски и поштенски комуникации, истакна Ал Ануани, додавајќи дека нема дополнителни коментари за конкретниот случај.