Мерко откажа настан да ги избегне медиумите

Рамиз Мерко го нема ни под дрво, ни под камен. Тој не се јавува на телефон, неговиот кабинет во општина Струга е недостапен за став, а Мерко ги откажал и сите локални активности во Струга да ги избегне медиумите.

Еден ден откако Стејт департментот го прогласи за персона нон-грата во САД поради силна поврзаност со корупција и мешање во судството. Мерко во текот на денов ги откажал

Од вчера молчи и неговата партија ДУИ. Од Мала Речица не одговорија на прашањата на Алсат да ја коментираат одлуката на Стејт департментот, ниту пак дали ќе бараат отчет од Мерко.

Одлуката за Мерко ја соопшти американскиот Стејт департмент неколку месеци откако американската амбасадорка во земјава Ангела Агелер објави дека американските институции се фокусирани кон повеќе политичари, бизнисмени и членови на судството во земјава.

Во интервју за Гласот на Америка, координаторот за антикорупција во Стејт департментот, Ричард Нефју, денеска не откри какви докази имаат за Мерко.

„Информациите кои беа соопштени како дел од соопштението покажуваат дека се работи за проневера на средства и мешање во судски процеси. Со оглед на природата на определбите и нивната правна основа, тоа се информациите што можеме да ги објавиме во јавноста за овој случај“, изјави Ричард Нефеј, координатор за антикорупција во Стејт департментот на САД.

Нефју додаде дека САД ги носат овие одлуки за да ја покажат својата поддршка за владеењето на правото и напорите за борба против корупцијата. Американските власти сигнализираа дека сега очекуваат акција од домашните институции.

„Се надевам дека оваа одлука ќе ѝ помогне на владата на Северна Македонија да продолжи со напорите за борба против корупцијата“, рече Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар на САД за европски прашања.

Амбасадорката на САД во земјава, Ангела Агелер, потврди дека под истрага се и други имиња.

„Не можам да зборувам за времето кога ќе бидат објавени следните означувања, но верувам дека ќе има и други. Само сакам да истакнам дека ние во САД го сфаќаме ова многу сериозно, ги сфаќаме обвинувањата за корупција многу сериозно затоа што граѓаните на оваа земја имаат право да имаат избрани функционери на кои може да им веруваат. Што се случува оттука натаму во земјата, не би претпоставила. Јас сум амбасадорка и не е мое да предлагам други дејствија што ѝ припаѓаат на владата или на судството во оваа земја“, нагласи Ангела Агелер, Амбасадорка на САД.

Мерко е третиот политичар од Македонија ставен на американската црна листа поради сомневања за значајна корупција. На 11 април минатата година поради истото Стејт департментот ги стави на црна листа поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.