Менче Андреева назначена за директорка на Инспекторатот за македонски јазик

Таа досега беше вработена како професорка по македонски јазик во Основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари.

После цела година откако беше изгласан Законот за употреба на македонскиот јазик, Владата ја назначи Менче Андреева за директорка на Инспекторатот за употреба на македонскиот стандарден јазик. Андреева е дипломирана лекторка на Филолошкиот факултет, катедра за македонски јазик и литература, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје. Таа досега беше вработена како професорка по македонски јазик во Основното училиште „Рајко Жинзифов“ во Горно Оризари.

Андреева беше членка на Советот на Општина Велес од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и по именувањето на раководна позиција во Инспекторатот се повлекува од Советот, а следна на листата за влез е д-р Силвија Богоевска.

Инспекторатот за употребата на македонскиот стандарден јазик ќе врши надзор над примената на Законот за употреба на македонскиот јазик и на прописите донесени врз основа на овој закон. Собранието го изгласа Законот на 26 јануари 2024, една година после првата јавна расправа. Предлогот-законот го подготвија тогашниот состав на Советот за македонски јазик и Министерството за култура, кога министерка беше Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Со овој закон, меѓудругото, пропишано е задолжително лекторирање на сите материјали со објавување на лекторот и задолжително вработување лектори по македонски јазик во сите јавни институции и органи на власта.
„Со доследната примена на овој закон, ќе се пристапи кон вработување лектори по македонски јазик во сите државни институции и агенции, во училиштата, во издавачките куќи, во медиумите и секако дека со тоа ќе се зголеми интересот за студирање македонски јазик“, рекоа лани од Министерството за култура.

Од овој закон поизлегуваат важни иницијативи, меѓу кои и стипендирање ученици во четврта година од средното образование и на додипломски, магистерски и докторски студии.