Мемов: В година пензиите ќе растат два пати: 2.500 денари во март и ново усогласување во септември
Пензионерите во март ќе добијат покачување на пензиите за дополнителни 2.500 денари колку што беше и зголемувањето што почна со пензијата за септември, а во септември догодина ќе добијат и околу 4 проценти зголемување согласно методологијата за усогласување.
Пензионерите во март ќе добијат покачување на пензиите за дополнителни 2.500 денари колку што беше и зголемувањето што почна со пензијата за септември, а во септември догодина ќе добијат и околу 4 проценти зголемување согласно методологијата за усогласување.
Линеарното зголемување на пензиите во септември 2024 во вкупен износ било 862 милиони денари (скоро 14 милиони евра) или 11,17 отсто во однос на вкупниот износ што за пензии бил исплатен во август 2024.
Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОСМ) Никола Мемов соопшти дека предлог-буџетот за Фондот за 2025 година е 135 милијарди денари наспроти 110,5 милијарди денари за тековната 2024 година.
На средба со новинарите на која информираше за состојбата на буџетот и за идните планови, новиот директор на Фондот рече дека средства за пензии ќе бидат обезбедени и дека буџетскиот дефицит во вкупниот буџет за 2025-та е 27 проценти. Придонесот за пензиското осигурување останува 18,8 отсто.
-Граѓаните треба да бидат сигурни дека средства за пензии ќе бидат обезбедени. Буџетскиот дефицит е стабилизиран и ќе биде 27 проценти. Новиот менаџмент до Владата и до Министерството за социјална политика ќе предложи краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетот за исплата на пензиите. Очекуваме приходите по основ на плаќање на придонеси до крајот на годината да растат и дефицитот да се стабилизира, рече Мемов.
Нагласи дека буџетскиот дефицит не е создаден поради лошо менаџирање на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување туку е резултат, рече, на економските политики на претходните влади во изминатите дваесетина години.
Главна цел на Владата, додаде директорот на ПИОСМ, е обезбедување подобар животен стандард на пензионерите, а линеарното зголемување на пензиите е со цел, рече, да се намалат социјалните разлики помеѓу корисниците на минимална пензија и оние што се со високи пензии.
За тоа дали ќе се подигне возрасната граница за пензионирање, која сега е 62 години за жени и 64 за мажи, Мемов одговори дека треба да одлучи Владата.
Од почетокот на годинава до средината на овој месец биле решени 19 700 предмети за пензионирање, од кои најголем број се за старосни, а потоа и за семејни и за инвалидски пензии. До 15 октомври имало околу 3000 нерешени предмети по барањата за остварување право за пензија во 2024, што се должи на дефицит на вработени во подрачните единици на ПИОСМ.
Како што информираше Мемов, им недостигаат речиси 50 отсто вработени согласно систематизацијата. Најголема пополнетост со вработени (од над 90 отсто) има во подрачните единици во Скопје, Тетово, Куманово, Гостивар и Кичево, додека во филијалите во другите градови работните места се пополнети под потребниот минимум за да може да функционираат. Затоа се прави план за оптимизација на бројот на вработени согласно предметите што ги имаат, а до Министерството за финансии Фондот поднел барање за согласност за враќање на работа на ангажираните со договор на дело. За да се реши дисбалансот, предметите ќе бидат трансферирани од една во друга филијала.
Во државава има помеѓу 340 000 и 350 000 пензионери, а планираната стапка на раст на нови корисници на пензија годишно се движи од 0,9 до 1 отсто.
Во однос на т.н. фантомски пензиии во Косово, за што се шпекулира во јавноста, директорот посочи дека не може да се потврди дека такви постојат и дека се ќе биде појасно кога ќе профункционира планираниот централен регистар на социјални осигуреници по примерот на регистарот за фирми.
-Не можеме да кажеме дека постојат фантомски пензии, тоа во овој момент не може да се потврди. Странски пензии во Косово што ги исплаќа Фондот има само за 1200 корисници, одговори Мемов на новинарско прашање.
Најави модернизирање на услугите и деловните процеси во Фондот и рече дека клучен приоритет е инвестирање во ИТ-системот, па во новиот буџет Мемов бара средства за нови софтверски решенија за пензискиот систем.
-Ќе направиме ново софтверско решение и ИТ-системот ќе биде комплетно на „клауд“, како што е сега ФЗОМ. Фондот ќе се отвори кон граѓаните преку оваа дигитализација што ќе ја направиме, за секој граѓанин да може да види на апликација колку има стаж, придонеси итн, соопшти директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.