Италијанската премиерка Џорџа Мелони одговори на критиките за тоа што ја повела својата шестгодишна ќерка на Самитот на Г20 на индонезискиот остров Бали.
Во објава на Фејсбук таа напиша дека по два дена „неуморна работа“, се соочила со „неверојатна дебата“ за тоа дали било правилно што со себе ја повела својата ќерка и со неа било во текот на четири дена за време на средбата.
Италијанските медиуми претходно соопштија дека Мелони на Бали допатувала со својата ќерка и дадилката.
„Дали мислите дека е ваша работа како ќе ја воспитувам ќерка ми? – реторички ги прашала Мелони во својот пост „иницијаторите“ на дискусијата, додавајќи дека одговорот е „не“.
Лидерката на радикалната десничарска партија „Браќа од Италија“ истакнува дека има право да даде сè од себе за својата држава, без да ја лиши својата ќерка од мајка си.