Мексиканците се трагичари, Аргентина и Полска се пласираа во осминафинале во Катар

Во последното коло од групата Ц на Светското првенство во Катар синоќа возбудлив фудбал. На крајот во осминафиналето одат Аргентина и Полска, кои синоќа го играа меѓусебниот натпревар и славеа „Гаучосите“, но Левандовски и соиграчите одат понатаму поради подобрата гол-разлика. Репрезентацијата на Мексико од друга страна ја совлада Саудиска Арабија со 2:1, но не успеа да се пласира во осминафиналето.

На крајот, Мексиканците имаа ист број бодови, но послаба гол разлика од Полјаците, па од оваа група продолжуваат Аргентина како првопласирана и Полска од второто место.

Првото полувреме меѓу Мексико и Саудиска Арабија не донесе премногу квалитетен фудбал, и двете екипи беа главно претпазливи, иако мораа да бркаат победа за да се пласираат во осминафиналето.

До крајот на првото полувреме немаше поголеми возбудувања, но само што започна второто, борбата се разгоре и Мексиканците поведоа. Се се случи по корнер од левата страна, а пред голот на Саудиска Арабија најдобро се снајде Мартин кој погоди за водство од 1:0.

Само пет минути подоцна таа предност беше удвоена, кога Чавез испрати небранет проектил во мрежата на Ал Овејс. Тоа беше уште еден гол по паузата, овојпат од слободен удар кој Чавез мајсторски го изведе од преку 20 метри и ја испрати топката во „малата мрежа“, во левиот агол од голот на Ал Овејс – 2:0!

Мексиканците продолжија со нападите, свесни дека ниту овој резултат не им носи напредување.

Мексико не се предаваше, напаѓаше во бранови, и кога „висеше во воздух“ третиот гол на Саудијците, во петтата минута од судиското надополнување, контранапад на Саудиска Арабија, кој Ал Давсари го реализира, го постави конечниот резултат 2:1 за огромна радост на полските навивачи.

Фудбалерите на Аргентина се пласираа во осминафиналето како први од групата Ц, кои вечерва ја совладаа Полска со резултат 2:0.

Аргентинците во сабота од 20 часот во осминафиналето се среќаваат со селекцијата на Австралија, додека Полјаците си заминаа како втори од оваа група.

Во 39. минута Аргентина имаше одлична шанса да поведе против Полска, од сомнителен пенал, но Војчех Шчесни го одбрани ударот на Лионел Меси од белата точка.

До одморот Аргентина притискаше, но не успеа да постигне гол, па резултатот на полувремето беше 0:0.

Сепак, во првата минута од рестартот Аргентина дојде во заслужено водство. Молина одлично комбинираше со Ди Марија на десното крило, а потоа со одбиена топка го пронајде Мекалистер, кој со малку среќа погоди од стативата за 1:0.

Полјаците немаа што да загубат, првпат упатија сериозна закана преку Милик во 50. минута, но немаше промена. Мекалистер лесно можеше да постигне уште еден гол во 61. минута, овојпат стрелајќи директно во Шчесни.

Се беше готово во 68. минута кога Фернандез убаво го проигра Алварез, кој ја испрати топката под гредата за огромни 2:0.

Полска не покажа ништо на овој натпревар, се се сведе на дефанзивата.