Медведев: Москва му даде безбедносни гаранции на Бајден пред неговата посета

Заменик претседателот на рускиот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев денеска изјави дека американскиот претседател Џозеф Бајден добил безбедносни гаранции пред денешната ненајавена посета на Киев.Сепак не прецизираше кој од руска страна ги дал тие гаранции.

За време на неговата посета на Киев, Бајден разговараше со  Зеленски.

„Бајден, откако доби безбедносни гаранции, конечно пристигна во Киев. Тој вети многу оружје и вети верност на неонацистичкиот режим до гроб. Се разбира, имаше многу навестувања за победа на нивна страна, која наводно ќе дојде со ново оружје и храбри луѓе“ – напиша Медведев на својот канал на Телеграм.

Тој оцени дека западните земји „сосема верно“ го снабдуваат Киев со оружје и пари.

„Тие ги снабдуваат во огромни количини, му овозможуваат на воено-индустрискиот комплекс на земјите на НАТО да заработува пари и да краде оружје за да им го продаде на терористите ширум светот“, рече тој.

АП претходно објави, повикувајќи се на Белата куќа, дека Вашингтон бил во контакт со Москва непосредно пред посетата на Бајден на Украина, „со цел да се избегнат конфликтни ситуации“.