Екс-рускиот претседател кој е актуелен заменик-претседател на Советот за безбедност на Русиј – Дмитриј Медведев изјави дека Москва би можела да употреби нуклеарно оружје и против земја која користи само конвенционално оружје. Русија има околу 6.000 нуклеарни боеви глави – најголемите залихи на нуклеарно оружје во светот.
Медведев вчера изјави дека има четири случаи во кои Русија би можела да употреби нуклеарно оружје, пишува „Гардијан“.
„Имаме посебен документ за нуклеарно одвраќање. Овој документ јасно укажува на основата на која Руската Федерација има право да користи нуклеарно оружје. Има неколку од нив, да ве потсетам: број еден е ситуацијата кога Русија е погодена од нуклеарна ракета. Вториот случај е каква било употреба на друго нуклеарно оружје против Русија или нејзините сојузници. Третиот е напад на критична инфраструктура што ќе ги парализира нашите нуклеарни сили за одвраќање. И четвртиот случај е кога е извршен акт на агресија против Русија и нејзините сојузници, што го загрозува постоењето на самата земја, дури и без употреба на нуклеарно оружје, односно со употреба на конвенционално оружје“ рече Медведев.
Тој смета дека постои „решителност да се брани независноста, суверенитетот на нашата земја, да не се даде никому причина да се сомнева ни најмалку дека сме подготвени да дадеме достоен одговор на секое нарушување на нашата земја, на нејзината независност“.