Медведев го нарече Макрон „зоолошка кукавица“

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија – Дмитриј Медведев, го коментираше одложувањето на посетата на претседателот на Франција, Емануел Макрон на Киев и го нарече францускиот лидер „кукавица“.

– Макрон се подготвува да оди во Киев? Но, тој е зоолошка кукавица! – напишал Медведев, меѓу другото, на француски на платформата Х.

Во објавата рускиот функционер напиша уште неколку навредливи коментари за францускиот претседател и ја заврши својата објава со зборовите „кутра Франција!“.

Францускиот неделник „Трибјун“ претходно објави дека посетата на Макрон на Киев, планирана за март, би можела повторно да биде одложена поради безбедносни причини и поради организирање заедничко патување со други лидери на ЕУ, пренесува РИА Новости.

Бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на неименуван француски дипломат, напиша дека Макрон ја одложил посетата на Украина поради несогласувања со сојузниците по острите изјави на политичарот за украинскиот конфликт.

На крајот на минатиот месец, по завршувањето на Самитот на европските лидери во Париз, Макрон изјави дека не е постигнат консензус за испраќање војници од европските земји во Украина, но нагласи дека „ништо не треба да се исклучува“.

– Во овој момент нема консензус за испраќање војници. Ништо не треба да се исклучи. Ќе направиме се за да не победи Русија – рече Макрон на прес-конференцијата.