Медведев: Го забрзуваме производството на најмоќното оружје, непријателот во Европа демне

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев изјави дека Москва ги произведува „најмоќните средства за уништување“ засновани на „нови принципи“, заканувајќи се дека ќе ги користи против Западот.

„Нашиот непријател не е само во владата на Киев. Тој е и во Европа, Северна Америка, Јапонија, Австралија, Нов Зеланд и други места лојални на нацистите од нашето време“, напиша Медведев.

„Затоа го интензивираме производството на најмоќните средства за уништување, вклучително и оние засновани на нови принципи“, напиша тој на Telegram.

Тој не даде детали за „новите принципи“, но очигледно мислеше на новите генерации на хиперсонично оружје на кои Русија работи во последните години, пишува АФП.

Заканата од нуклеарна војна се врати по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари, нагласувајќи ја ерозијата на глобалната безбедносна архитектура која датира од Студената војна, додава агенцијата.

Неуспесите на руската војска во последните месеци ги поттикнаа стравувањата дека Москва размислува да го искористи својот нуклеарен арсенал за да го смени трендот. Оваа недела рускиот претседател Владимир Путин изјави дека оружјето е „средство за одбрана“ наменето за „одмазда“.