Медведев во ненадејна посета на Кина, разговараше со Џинпинг

Поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев дојде во ненадејна посета на Пекинг, каде што разговараше за зајакнување на партнерството со кинескиот претседател Си Џинпинг, кој ги повика сите страни да покажат воздржаност во Украина и да го решат конфликтот со политички средства.

Медведев денеска објави видео на својот Телеграм, на кое се гледа неговата средба со Џинпинг и средбата на кинески и руски претставници. Кина се надева дека сите страни во украинската криза ќе покажат воздржаност и ќе ги решат безбедносните грижи преку политички средства, му рекол Џинпинг на Медведев, јави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа.

Тој му изрази надеж на Медведев дека кинеската комунистичка партија и партијата Обединета Русија ќе ја подобрат комуникацијата и мудро ќе ја продлабочат стратешката соработка меѓу Кина и Русија, додава Ксинхуа.

Медведев рече дека тој и Кси разговарале за стратешкото партнерство на нивните земји во кое „нема граници“, како и за Украина, без да наведе детали.

„Разговаравме за билатерална соработка во рамките на нашето стратешко партнерство, вклучително и економијата и индустриското производство. Разговаравме за меѓународни прашања, кои секако го вклучуваат и конфликтот во Украина“, напиша Медведев.

„Разговорите беа корисни“, додаде тој.