
МВР со кривична пријава за градоначалникот на Струга, спорно именување директор
Надворешната канцеларија за криминалистички работи Струга поднесе кривична пријава против градоначалникот на општина Струга Менди Ќура, поради сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Според пријавата, на 18 ноември 2025 година, во својство на градоначалник, тој донел одлука за именување вршител на должност директор на ЈП „Водовод и канализација“ – Струга, спротивно на Законот за јавни претпријатија.
Како што се наведува, за функцијата бил назначен М.Ј. од Струга, иако градоначалникот, според МВР, знаел дека лицето не ги исполнува законските услови, односно нема соодветно образование и сертификат за познавање на англиски јазик.
Со ваквата одлука, според полицијата, му било овозможено на именуваниот противправно да оствари парична корист по основ на плата и придонеси како директор на јавното претпријатие.
Од МВР додаваат дека по целосно документирање на случајот ќе следуваат понатамошни постапки.