Во врска со видео материјалот кој е објавен денеска, за нападот на вработен во „Техномаркет“, Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека станува збор за настан од месец септември, кој е целосно расчистен и насилниците се приведени.
Имено, по преземени мерки и активности, полициски службеници од Единицата за насилен криминал при СВР Скопје на 25.09.2023 ги лишиле од слобода Ф.В.(25) и А.Ф.(33), двајцата од Скопје поради основано сомнение дека на 20.09.2023 во продажен објект кај арената „Тодор Проески“ физички го нападнале вработениот А.В. од Скопје.
Двајцата биле задржани во полициска станица и во службен разговор со полициски службеници го признале делото.
Во координација со јавен обвинител против нив е поднесена кривична пријава, а од страна на судија на претходна постапка определена им е мерка домашен притвор.
Од МВР апелираат да не се шират лажни вести кои имаат за цел да ги вознемират граѓаните.
Иако нападот се случил пред повеќе од месец и половина, денеска „Курир.мк“ на социјалната мрежа X објави видео под наслов „Напаѓачи од скопски Сарај претепуваат вработен на Техномаркет среде Скопје“.