Министерството за внатрешни работи информира дека се лажни пријавите за поставена експлозивна направа во девет училишта во Скопје.
„Направени се сите потребни проверки во врска со денешните пријави дека девет училишта во Скопје добиле мејл со закана за поставена експлозивна направа и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопшти вечерва МВР.
Претходно денеска девет училишта во Скопје добија дојави за поставени бомби. Околу 14 часот денеска во СВР – Скопје е пријавено дека на мејл адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба.
Веднаш по добиената пријава, нагласуваат од МВР, од полициски службеници биле преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа биле извршени и детални проверки од тимови за антитерористички проверки кои утврдиле дека се работи за лажни пријави.
Дојави за поставени бомби беа упатени и вчера преку мејл до осум средни скопски училишта, а по акцијата на полицијата, беше утврдено дека се лажни.