
МВР праќа опомени со туѓи лични податоци?
Адвокатот Арбен Мемети од адвокатското друштво „Цукиќ-Марков“ алармираше за пропуст во функционирањето на Системот „Безбеден град“. До него, како што вели, се јавиле повеќе граѓани кои добиле СМС пораки и електронски опомени за сообраќајни прекршоци – но со туѓи лични податоци.
Адвокатот Арбен Мемети од адвокатското друштво „Цукиќ-Марков“ алармираше за пропуст во функционирањето на Системот „Безбеден град“. До него, како што вели, се јавиле повеќе граѓани кои добиле СМС пораки и електронски опомени за сообраќајни прекршоци – но со туѓи лични податоци.

Во пораките што ги примиле граѓаните биле наведени целосни податоци на сосема други лица: име и презиме, единствен матичен број, број на лична карта и детали за возилото. Според Мемети, тоа претставува директно прекршување на Законот за заштита на личните податоци.
„Ова не е само техничка грешка, туку системски ризик кој ја загрозува приватноста и безбедноста на граѓаните. МВР со ваквата неажурност ги прекршува законските обврски и ја поткопува довербата во системот,“ предупредува адвокатот.
Мемети потсетува дека грешките во испраќањето на опомените отвораат сериозни прашања:
– како ќе се гарантира дека казните ќе стигнат до вистинскиот сторител?
– дали граѓаните ќе се соочат со неоправдани правни последици за прекршоци што не ги сториле?
Според него, јавноста со право чувствува недоверба ако системот веќе испраќа чувствителни податоци на погрешни адреси.
„Ако денес стигнуваат туѓи податоци, како да веруваме дека утре нема да стигнат и туѓи казни?“, прашува Мемети.
Дополнителен проблем е тоа што МВР нема прецизен механизам за собирање и ажурирање на телефонски броеви и електронски адреси. Често, при регистрација на возило, службениците воопшто не ги бараат овие информации, што доведува до погрешно доставување опомени и создавање дополнителни забуни.
Адвокатот бара:
– итна проверка на системот за испраќање опомени,
– утврдување на причините за пропустите,
– корекција на неажурните и погрешни бази на податоци,
– воспоставување безбедни процедури за обработка на лични податоци, согласно законот.
„Граѓаните имаат право на точни, сигурни и безбедни информации. МВР има обврска тоа да го гарантира – без компромиси,“ порача Мемети.

Преземено од Скопје1.мк