
МВР: Кривични против 23 физички и 15 правни лица, меѓу нив и Крмзов, предизвикале штета на буџетот од над 94 милиони евра
Организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП, наведуваат од МВР.
МВР попладнево соопшти дека поднело кривична пријава против Р.К.(56) , З.К.В.(30) и В.П.(29), од Струмица за „злосторничко здружување“, за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“ против дваесет други лица и 15 правни лица. Со наведените дејствија, како што се посочува во соопштението, пријавените оствариле противправна имотна корист во вкупен износ од 5.801.937.796 денари или 94,3 милиони евра на штета на државниот буџет.
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во соработка со Оддел за криминалистичка полиција, Управата за финансиска полиција и Управа за јавни приходи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Р.К.(56) , З.К.В.(30) и В.П.(29), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“, против Г.Т.(48), Д.М.(60), П.К.(67), В.К.(26), K.С.(41), К.М.(40), Н.Ф.(43), М.К.(48), М.М.(68), Е.Т.(61) и З.М.(59), сите од Струмица, за сторени кривични дела „злосторничко здружување“ и „даночна измама“, против С.П.(58), С.М.(58), Л.К.(52), Л.Б.(37), С.Т.(66), М.П.(60), Ј.Т.(44), А.К.(35) и Ј.Г.(66), сите од Струмица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против 15 правни лица од Струмица за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „даночна измама“.
Како што посочуваат од МВР, пријавените Р.К., З.К. и В.П. во текот на 2019 година организирале злосторничко здружување кон кое се приклучиле Г.Т., Д.М., П.К., В.К., K.С., К.М., Н.Ф. – управители на пријавените правни лица, С.П., С.М., Л.К., Л.Б., С.Т., М.П., Ј.Т., Ј.Г. и А.К. – инспектори од УЈП и М.К., М.М., Е.Т., З.М. – овластени сметководители, кое имало за цел остварување на нелегален профит за себе, а на штета на државниот буџет. Заради остварување на оваа цел, организаторите на злосторничкото здружение од 2019 до 2024 година ги користеле и ги имале на располагање правните лица во кои организаторите на здружението во дел од нив биле запишани како основачи и управители, а во дел не, но реално управувале со нив, давале инструкции за постапување, користејќи дел од членовите на здружението како фиктивно запишани основачи или управители.
Организаторите на злосторничкото здружение, користејќи ги правните лица кои ги формирале, изготвувале и заверувале фактури со невистинита содржина, внесувале податоци за наводно извршен промет на добра и услуги, за кој пријавените знаеле дека не бил извршен и дека за истиот не биле вршени плаќања на банкарските сметки, сопственост на правните субјекти во што дополнително со свои дејствија им помогнале пријавените сметководители и даночни инспектори од УЈП, наведуваат од МВР.