Во рамки на надлежност на МВР не се констатирани посериозни прекршувања на изборниот процес во текот на целиот ден. Се одржаа можеби најмирните, најдемократските и најфер избори кои што кога било се случиле, особено од безбедносен аспект, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, на заедничка прес-конференција со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, по завршувањето на двојните избори.
Тошковски изрази благодарност до сите полициски службеници, набљудувачи и македонските граѓани кои, како што нагласи, на мирен, фер и демократски начин покажаа дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство.
– Огромна благодарност до сите кои што помогнаа овој ден да биде таков како што беше. Да се живи и здрави македонските граѓани, да ни е вечна Македонија, порача Тошковски.
Според, дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, како што помина првиот круг од претседателските избори, така и денешниот втор круг и парламентарните избори поминаа во една фер, демократска и слободна атмосфера.
– Граѓаните можеа слободно да го изразат своето право да гласаат. Македонската полиција беше и овој пат на висина на својата задача и ги створи сите предуслови за денешниот ден да се одржи во еден демократски чин, изјави Бојмацалиев.