Денеска во 8:20 часот во Полициска станица Кавадарци било пријавено дека на електронска адреса на едно основно училиште во Кавадарци е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека околу 9:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека на електронските адреси на девет училишта, како и на Министерството за надворешни работи, ГТЦ, „Џевахир сити“, ТЦ „Ист гејт“ е упатена закана за поставена експлозивна направа.
Според информации на „360 степени“, меѓу скопските училишта кои добиле дојави за поставени бомби се „Орце Николов“, „Никола Карев“, „Јосип Броз Тито“ и средното техничко училиште „Владо Тасевски“ во Аеродром.
Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, соопштија од МВР.
И вработените во МНР утринава беа евакуирани од зградата поради дојава за бомби. Ова е првпат на адресата на едно министерство да стигне закана за поставена експлозивна направа.