Од денес може електронски да се поднесе барање за вадење лични документи со новото уставно име Северна Македонија.
Бидејќи на телефонскиот број 072/929-292 со часови се чека да се јави операторот и да се закаже термин, Министерството за внатрешни работи (МВР) воведе нов начин на закажување.
„На веб сајтот termin.mvr.gov.mk воведена е нова секција која има за цел да придонесе кон побрзо закажување на термин за фотографирање за лични документи. Во оваа секција наречена ‘поднеси барање за термин‘ граѓаните го внесуваат својот матичен број, телефон за контакт и избираат за кој документ би сакале да закажат термин“ – велат од МВР.
Откако ќе го испратат барањето, операторите од повикувачкиот центар ќе ги исконтактираат на наведениот телефон за контакт за да го опслужат нивното барање во најкус можен рок.
Според Преспанскиот договор, пасошите без новото име Северна Македонија престанаа да важат на 13 февруари годинава.
Важењето на возачките и сообраќајните дозволи со старото име, со измени во законот беше продолжена до крајот на годинава.