Мбапе: Немам проблем со тренерот Луис Енрике

ПСЖ синоќа во Сан Себастијан го совлада Реал Сосиедад (2:1) и се пласираше во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Фудбалерот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе изјави дека нема проблем со тренерот Луис Енрике. Мбапе синоќа беше двоен стрелец, а одигра цел натпревар, првпат по 14-ти февруари.

Минатиот петок тој го напушти теренот на полувремето на мечот со Монако, а една недела претходно беше заменет во 65. минута од натпреварот против Рен. Натпреварот против Нант минатиот месец го започна од клупата за резерви.

Францускиот репрезентативец во февруари го известил раководството на клубот дека нема да го продолжи договорот, па како слободен играч ќе го напушти „Паркот на принцовите“ и ќе се пресели во Реал Мадрид.

Тој рече дека ваквата одлука не е мотивирана од несогласување со тренерот, со кој се прегрнал по синоќешниот натпревар.

„Секогаш сакам да играм во Лигата на шампионите, тоа е многу важно натпреварување. Никогаш не би можел да бидам играч кој се крие. Мојот однос со тренерот е добар. Нема проблеми, дури и ако луѓето мислат дека има. Имам многу проблеми , но тренерот не е еден од нив“, изјави Мбапе за францускиот Канал плус, пренесоа британските медиуми.

За ситуацијата со Мбапе беше прашан и тренерот Луис Енрике.

„Килијан ќе постигне 50 гола и ќе има 25 асистенции со секој тренер, во секој тим. Очигледно, неговата блиска иднина не е тука, па ќе мора да пробаме други решенија“, рече тој.

Како што пренесува ESPN, Мбапе и Енрике разговарале и ги решиле разликите.

Сепак, ESPN објави дека опкружувањето на Мбапе сметало дека фудбалерот е казнет поради неговата одлука да си замине.