Северна Македонија има најголем пакет на фискален одговор за кризата од сите шест земји во Западен Балкан во смисла на поддршка што се дава на фирмите и домаќинствата. Ако се погледне износот што е ставен настрана 750 милиони евра севкупно ова е повеќе од пет отсто од БДП, но ова е во моментот најголемиот пакет на фискален одговор на кризата, изјави денеска Сања Маџаревиќ – Сујстер, виш економист на Светска банка и главен автор на редовниот извештај за земјите од Западен Балкан.
– Ако се погледнат цените на електрична енергија, на гас, и понатаму се конкурентни, меѓутоа делумно заради тоа што се субвенционирани. Ако Владата не плаќа субвенции тогаш ќе плаќате многу повисока цена што е дел од фискалните напори да се олесни влијанието на кризата. И краткорочно мислам дека ова е начинот да се оди понатаму, истакна таа на денешната презентација на Извештајот во Скопје.
Маџаревиќ – Сјустер истакна дека вториот пакет на поддршка за кризата треба да биде за најранливите домаќинства и фирми и тоа е она што треба да се внесе. Но, истакнува таа, има владини реформи што не чинат многу пари, но им треба политичка заложба и имплементација. Во контекст на Северна Македонија, како што потенцира експертката на Светската банка, сегашното функционирање на Парламентот може да е пречка побрзо да се движиме во овие реформи.
-Видовме случај на нов Закон за буџет на кој му требаше две години да помине низ Собранието. Ова е пример од реформите што не чинат пари, но ќе имаат многу посебно влијание во однос на транспарентноста и ефикасноста за користење на јавните ресурси, да се постави соодветен независен мониторинг на фискалната политика и севкупно ќе биде важно заради тоа што ќе имате модернизиран трезор и даночна администрација коишто ќе дојдат во овој процес, рече Маџаревиќ – Сјустер.
Според неа, дури и реформите на образовниот сектор ќе бидат од критична важност за Северна Македонија, но некој треба да започне со тој процес.
-И повеќето од овие реформи немаат целисходни и фискални трошоци, но ќе имаат многу силни придобивки за севкупното општество вклучувајќи ја и фискалната политика во иднина, истакна експертката на Светска Банка.
Во однос на справувањето со инфлацијата и воведувањето маржи, Маџаревиќ – Сјустер рече дека Северна Македонија не е единствената земја која воведе одредени ограничувања во однос на маржите, и многу од земјите во ЕУ ја применија оваа мерка. Ова, според неа, е подобра мерка отколку фиксни цени затоа што фиксните цени може да водат кон дефицит на одредени производи.