Мајмунски сипаници во Македонија

Во земјава вчера првпат лабораториски се потврдени два случаи на Monkeypox - Мајмунски сипаници. По потврдувањето на случаите, епидемиологот Драган Даниловски појаснува за какво заболување станува збор, нагласувајќи дека тоа не се пренесува лесно и оти е многу мал ризикот за епидемија.

Во земјава вчера првпат лабораториски се потврдени два случаи на Monkeypox – Мајмунски сипаници. По потврдувањето на случаите, епидемиологот Драган Даниловски појаснува за какво заболување станува збор, нагласувајќи дека тоа не се пренесува лесно и оти е многу мал ризикот за епидемија.

-Мајмунските сипаници се вирусна болест предизвикана од monkeypox вирусот, кој припаѓа на истото семејство како и вирусот на големите сипаници (variola vera). Симптомите обично вклучуваат треска, главоболка, болки во мускулите и грбот, зголемени лимфни жлезди, исцрпеност, кожен осип кој може да се појави на лицето, рацете, стапалата, гениталната област или други делови од телото, инкубациски период од 6 до 13 дена, но може да варира од 5 до 21 ден. Болеста трае од 2 до 4 недели и во повеќето случаи се повлекува без потреба од специфичен третман. Сепак, кај лица со ослабен имунитет, деца и бремени жени, може да се развијат посериозни компликации, пишува Даниловски на својот Фејсбук профил.

Заболувањето се пренесува со директен контакт со кожни лезии или телесни течности на заразено лице, близок физички контакт, вклучувајќи сексуален однос, контакт со контаминирани предмети како облека, постелнина или прибор, респираторни капки при продолжен близок контакт лице в лице.

– Важно е тоа што таа не се пренесува лесно. Потребен е близок, продолжен контакт, вели доктор Даниловски.

Според него, ризикот за епидемија е многу низок. За сопствена заштита, нагласува, граѓаните треба да одржуваат хигиена (миење раце со сапун и вода), да избегнуваат близок контакт со симптоматски лица и споделување на лични предмети и при сомнителен осип да консултираат лекар. Нагласува дека мајмунските сипаници не се нова, ниту неконтролирана закана. Ситуацијата, вели, бара информираност и претпазливост, но не и паника.

Од ЈЗУ Институт за јавно здравје, вчера информираа дека од Клиниката за кожни болести им биле упатени два пациенти суспектни за Monkeypox – Мајмунски сипаници и воедно било упатно назначено да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.

-Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на 3 различни начини со што лабораториски се потврдија два случаи на Monkeypox – Мајмунски сипаници. Бидејќи за прв пат во нашата држава се лабораториски потврдени Monkeypox – Мајмунски сипаници, после добиените резултати, веднаш се реагираше брзо, се преземаа соодветни мерки и се известија надлежните институции, Министерство за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективна клиника и др, истакнаа од Институтот.

Согласно протоколите по добиеното известување, докторот кој ги примил пациентите ги информирал пациентите за добиените резултати. Потоа, следела епидемиолошка анкета од страна на епидемиолози од Институтот за јавно здравје.

-Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица, како би се добиле податоци кои би биле исклучително важни за понатамошно постапување. Анкетата е се уште во тек. Ќе биде препорачано на позитивните пациенти да се јават на Инфективна клиника, информираа од ИЈЗ.

Институтот за јавно здравје, најавија, ќе продолжи да ја следи состојбата и информира дека во моментов нема простор за паника, бидејќи брзо и навремено институционално се преземаат сите потребни мерки.

ОД ИЈЗ нагласија дека се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и оти се преземаат сите превентивни мерки. Повеќе детали за јавност од Институтот најавија за денеска.