
Мајка на загинато дете во „Пулс“ до Мицкоски: Цинично ми се исмевате, но до денеска од вас не добивме одговор!
Пред Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот денеска сведочеше мајка на една од жртвите од трагедијата во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, каде на 16 март загинаа десетици млади луѓе. Таа со силни емоции зборуваше за болката, пропустите и одговорноста која, како што рече, девет месеци никој не ја презема.
Пред Анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот денеска сведочеше мајка на една од жртвите од трагедијата во кочанскиот ноќен клуб „Пулс“, каде на 16 март загинаа десетици млади луѓе. Таа со силни емоции зборуваше за болката, пропустите и одговорноста која, како што рече, девет месеци никој не ја презема, пренесе 4news.
„Денеска не сме тука некој да манипулира со нас. За мене ова претставува злосторничко здружување – смртоносна недела, загрозување на уставниот поредок и безбедноста, што доведе до насилна и прерана смрт на неколку генерации млади кои беа на концерт на групата ДНК. Не беа во диско, тоа е погрешно претставено. На концерт може да отиде и дете од две години и старец. Кој ни ја гарантира безбедноста? Секој од нас можел да биде таму“, рече мајката.
Таа истакна дека трагедијата не се случила „пред 20 години“, туку на 15 кон 16 март годинава, а до денес ниту една институција, како што рече, не ги прифатила нивните барања.
Обраќајќи се кон премиерот, таа нагласи: „Премиере цинично ми се исмевате но до денеска од вас не добив одговор на тие прашања! Јас кога ќе го видам документот кој ја потпишал акциската контрола, министерот Тошковски сакам да ми одговори на тоа прашање кој ја потшишал и наредил полициската контрола во Кочани таа ноќ? Во 12 часот сите биле од СВР Штип и ОВР Кочани пред дискотеката, во 12 часот. Во 12 да се почнело со рацијата нашите деца ќе беа живи немаше да бидат мртви.“
Во еден момент, сведоштвото премина во директно прашање за моралната одговорност на институциите: „Како би реагирале да е вашето дете? Не ве напаѓам, истото би го кажала и да беше друга власт. Јас моето дете сама го зедов мртво – тоа беше хорор.“
По неа, збор зеде и член на „Супорт Кочани“, кој остро реагираше на барањето за пауза на седницата.
„Како не ви е срам? Расправата не е ни почната, а барате пауза од еден час. Ние за еден час направивме веб-страница за семејствата. Знаете ли што значи еден час?“, рече тој.
Седницата продолжи во атмосфера на силни емоции и остри реакции, додека семејствата повторно апелираа дека единствено што бараат е вистината и одговорноста за трагедијата која засекогаш им ги промени животите.