Денеска во Вишиот суд во Белград продолжува судскиот процес во кривичната постапка против Владимир и Миљана Кецмановиќ, родителите на малолетникот кој во мај минатата година го изврши страотниот масакр во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград.
Се очекува денеска да сведочи Миљана Кецмановиќ, откако претходно тоа го стори нејзиниот сопруг.
Оваа кривична постапка се води против родителите на момчето кое ги изврши убиствата, а дополнително против семејството Кецмановиќ се водат две граѓански постапки за нематеријална штета поради загуба на блиски членови на семејството и претрпениот стрес.
На рочиштата може да се слушнат потресни приказни на членовите на семејството кои ги загубиле своите најблиски на кобниот ден.
Владимир Кецмановиќ се товари за тешко кривично дело против општата безбедност, а на Миљани и се суди за недозволено поседување оружје поради ДНК-трагата пронајдена на чаурата на местото на злосторството. Ниту еден од нив не е обвинет за сторено кривично дело „запуштање и злоупотреба на малолетно лице“.
Во оваа постапка, покрај родителите на момчето, ќе им се суди и на Ратко Ивановиќ и Немања Маринковиќ, сопственикот и инструктор по стрелање на стрелиштето каде што малолетниот убиец вежбал стрелање.
Според обвинението, беше предложено судот Владимир Кецмановиќ да го осуди на затворска казна од 12 години, Миљана на две и пол години, додека сопственикот на стрелачкиот клуб и инструкторот беа предложени на затворска казна од три години.
Ова судење, како и претходните рочишта, е затворено за јавноста.