
Мацут: Не сум задоволен од работата на одредени министри, размислувам за реконструкција на Владата
Српскиот премиер Ѓуро Мацут денеска изјави дека размислува за реконструкција на владата, и нагласи дека не е задоволен од работата на некои министри.
Српскиот премиер Ѓуро Мацут денеска изјави дека размислува за реконструкција на владата, и нагласи дека не е задоволен од работата на некои министри.
„Владата работи одговорно, но не сум задоволен од фактот што некои министри се појавуваат само на Инстаграм, се фотографираат и тоа е нивниот единствен придонес. Важно е објавените резултати да ја одразуваат работата на министерствата. Секако не сум најзадоволен од работата на одредени министри, како што сум задоволен од работата на некои други“, рече Мацут, за РТС.
Наведувајќи дека размислува за реконструкцијата, тој посочи дека „прво, самите министри ќе одлучат за тоа, односно за работата и резултатите што ги постигнуваат“.
„Мислам дека дефинитивно ќе продолжиме напред, мора да размислиме за подобрување на сè што прави владата“, рече тој.
Мацут нагласи дека на првиот состанок на работната група за инвестиции во 2028 до 2030 година, со кој тој претседаваше, министрите добиле инструкции дека мора да подготват рационални предлози за планови и дека анализа за тоа што е приоритет за одредено министерство ќе следи веќе следната недела.
„Претседателот на Србија најави две фази во стратешкиот развој, до 2030 година и до 2035 година. Имаме долгорочен план, но мислам дека рационализацијата на тој план до 2030 година е она што е реалноста и на што треба да се фокусираме“, изјави Мацут.
„Во текот на следната недела ќе имаме анализа за тоа што е приоритет за кое министерство без идеи кои се или неостварливи или премногу мегаломански. На првиот состанок на работната група, сосема јасно реков дека треба итно да се фокусираме, дека треба да направиме таков план. Времето брзо минува. Помина речиси една година од постоењето на оваа влада. Значи, мора да станеме сериозни“, истакна тој.
Како одговор на изјавата дека денеска во Крагуевац се одржува студентски митинг, тој рече дека ние сме народ толерантен кон различни мислења, што е одраз на демократијата.
„Не мислиме сите исто, но треба да дојдеме до решение на мирен начин и со некаков консензус“, рече Мацут, кој денес ќе зборува во Орашац на церемонијата по повод Денот на државноста.