Денеска матурантите го полагаат вториот изборен екстерен испит од државната матура. Најмногу пријавени кандидати има за тестот по Англиски јазик (13,198). За Математика ќе полагаат 1,356 ученици, за Германски јазик 114, за Француски јазик 37, за Естетика 84, а по еден кандидат се пријавени за Руски јазик и Филозофија.
Минатата сабота беше одржан првиот, задолжителен екстерен испит по Мајчин јазик (Македонски/Албански/Турски) и литература.
Државниот испитен центар (ДИЦ) најдоцна до 8 јули ќе ги објави резултатите од двата екстерни испита.
Во јунската сесија, државна матура полагаат 6,341 ученици од гимназии, 8,230 од стручни и 263 од уметнички училишта.
Оваа година, за поголема контрола при полагањето, тестовите се решаваат во големи простори – училишните холови или спортските сали.
Учениците кои нема да ја положат државната матура во јунската сесија ќе можат да се пријават за августовската сесија. Таму двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август 2024 година.